Кога кафулињата рано ќе затворат, забавата продолжува во Градскиот парк

Фото: Арбнора Мемети

Стотици млади, на возраст од 16 до 20 години, собрани во групи и од по десетина, вечерва можат да се забележат во Градскиот парк во Скопје. Најголем број од нив се без маски на лицата, слушаат музика и се забавуваат седнати на сепарињата кај фонтаната „Лотос“ и по околните тревници.

Фото: Арбнора Мемети

Реки од луѓе кои се излезени на прошетка вечерва може да се видат насекаде по патеките во паркот. Она што паѓа в очи е тоа што ретко кој од нив има лична заштита опрема и ретко кој внимава на потребната дистанца, иако тоа се главните мерки за заштита од ширење на ковид-19, за кои речиси секој ден здравствените власти во земјава апелираат да се почитуваат. Полиција или инспекција во Градски парк која би требало да казнува за непочитување на мерките, нема.

Фото: Арбнора Мемети

Овие собирања се случуваат во време на светска пандемија, токму во денови кога нашата држава руши рекорди во број на новозаразени лица, односно кога бројката достигнува безмалку 1.200 нови ковид-случаи во едно деноноќие, а смртноста никогаш не била повисока.

Собирањата се случуваат откако на предлог на епидемиолозите, Владата го скрати работното време на кафулињата до 21 часот. Пред да се воведе таа мерка, епидемиологот д-р Александар Стојанов, за Мета кажа дека целта со тоа е да се намалат ваквите групирања.

Фото: Арбнора Мемети

– Целта со скратеното работно време е да ги намалиме собирањата и групирањата. Сè што не е битно за државата, не мора да работи. Препораките се луѓето, посебно младите да не се собираат, но тие сепак се собираат, па седат до 12, до 1 во кафуле, па и до сабајле, не можат да ги избркаат. Се собираат и во трговските центри, во парковите. Со меркава со намалување на работното време на угостителските објекти, ќе може и полицијата да ги разбркува. Не можеме да ги затвориме целосно, тоа не е опција. Ќе одиме постепено – рече Стојанов за Мета пред четири дена.