Фото: Арбнора Мемети

Рестораните, кафулињата, кафеаните да работат до 21 часот наместо до 23 како досега, предлага Комисијата за заштита од заразни болести. Предлогот е одобрен од владиниот кризен штаб, а дека се планира ова, за Мета потврди и д-р Александар Стојанов, директорот на Центарот за јавно здравје.

Тој вели дека во државата има отприлика место за уште 1.000 хоспитализации, па ако се исполнат капацитетите, тогаш ќе се воведе полициски час.

– Целта со ова е да ги намалиме собирањата и групирањата. Сè што не е битно за државата, не мора да работи. Препораките се да не се собираат, но тие сепак се собираат, па седат до 12, до 1, па и до сабајле, не можат да ги избркаат. Се собираат и во трговските центри, во парковите. Со меркава со намалување на работното време на угостителските објекти, ќе може и полицијата да ги разбркува. Не можеме да ги затвориме целосно, тоа не е опција. Ќе одиме постепено – вели Стојанов.

Според него, критично ќе биде кога ќе се наполнат болниците комплетно.

– Засега има слободни кревети. Ние имаме кревети и во студентски домови и по холтели, но нема персонал. Не е само да го легнете пациентот, треба да обезбедите и 24 часовна нега за него. Во моментов има капацитет да се хоспитализираат уште 1.000 лица. Ако оваа бројка се надмине тогаш неопходно ќе биде да има карантин во траење од една недела или две – рече Стојанов.

Предлогот за работното време на угостителските објекти утре ќе се најде на владина седница.