fbpx

ЕУ одлучи да ја изведе пред суд Унгарија поради одземањето на лиценцата за работа на Клубрадио

-

Организациите за слобода на медиумите ја поздравија одлуката на извршното тело на ЕУ (Европската комисија) да ја изведе Унгарија пред суд поради одземањето на лиценцата за работа на Клубрадио од Будимпешта, едeн од последните поголеми унгарски медиуми кои се критички настроени кон владеењето на Виктор Орбан.

„Оваа одлука на извршното тело на ЕУ да ја изведе Унгарија пред суд поради евентуалното прекршување на телекомуникациските правила на ЕУ во врска со лиценцата за фреквенцијата на Клубрадио е задоцнета, но е важен сигнал дека Комисијата е сè поподготвена да ги користи алатките што ѝ се достапни на располагање за да ги брани независните медиуми, слободата на изразување и медиумски плурализам таму каде што се најзагрозени“, се наведува во изјавата првично објавена од Меѓународниот институт за печат (ИПИ) што ја пренесува IFEX, а е потпишана од организациите за слобода на медиумите.

Одлуката на Европската комисија против Унгарија и нејзиното изведување пред Судот на правдата на Европската Унија следи откако унгарскиот Совет за медиуми во февруари 2021 година го принуди независниот радиодифузер Клубрадио да се исклучи од етерот од дотогашната радио фреквенција што ја користеше.

Европската комисија ја продолжи прекршочната постапка на 15 јули, наведувајќи дека одлуката на унгарскиот Совет за медиуми да ја отфрли апликацијата на Клубрадио за користење на фреквенцијата 92,9 MHz во Будимпешта била донесена на „многу сомнителни основи“ и применила правила на „несразмерен и дискриминаторски начин“. Притоа, од ЕК додаваат дека ваквата одлука „ја нарушува слободата на говор како што е содржана во Повелбата за основните права на ЕУ“.

Клубрадио беше принуден да престане со емитувањето на дотогашната фреквенција во февруари 2021 година, откако медиумскиот регулатор со членови назначени исклучиво од владејачката партија Фидес, го отфрли продолжувањето на лиценцата за емитување поради наводното неисполнување на административните барања. Потоа, регулаторот го блокираше обидот на станицата повторно да ја обезбеди фреквенцијата на која што ја емитуваше програма 20 години. Радиото продолжува да емитува програма онлајн и моментално работи како радио станица без фреквенција, сериозно ограничувајќи го нејзиниот досег и влијание.

„Се надеваме дека Судот на правдата на Европската унија внимателно ќе го процени овој случај и ќе утврди дека Унгарија го прекршува европското право за телекомуникации за правична и недискриминаторна распределба на радиофреквенциите. Ова потоа ќе му овозможи на Клубрадио да побара повторно судење во Врховниот суд за првичната одлука на Советот за медиуми. Сепак, овој процес веројатно ќе биде долг и постои загриженост дека на крајот може да има мало директно влијание врз способноста на Клубрадио да го рестартира емитувањето“, се наведува во изјавата на организациите за слобода на медиумите.

Тие предупредуваат дека овој случај е поголем од една радио станица. Во текот на последната деценија, како резултат на недостаток на соодветни правни заштитни мерки за одржување на функционалната независност на Советот за медиуми во Унгарија, регулаторот одигра централна улога во добро документираната и систематска ерозија на медиумскиот плурализам во земјата. Загриженоста поради овој недостаток на независност неодамна беше истакната во Извештајот на ЕУ за владеење на правото за 2022 година. Клубрадио е еден од неколкуте случаи, во кои процесот на обновување на фреквенцијата се применува селективно на сметка на критичките настроените радиодифузери.

„Ова ја нагласува итната потреба во претстојниот Европски акт за слобода на медиумите да се адресираат случувањата кои придонесуваат за заробување на медиумите, вклучително и преку помагање во спроведувањето на функционалната независност на националните регулаторни органи за медиуми низ целиот блок“, наведуваат организациите за заштита на слободата на медиумите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...