fbpx

ДЗР: За две децении се испразниле речиси 60 села, ни требаат мерки за рамномерен регионален развој

Потребно е ревидирање на предвидените мерки на национално, регионално и локално ниво и координирано дејствување со цел да се подобри атрактивноста на регионите, се вели во извештајот „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата”

-

Во државата има 205 испразнети населени места/села и во однос на 2002 година нивниот број е зголемен за 40 отсто, односно уште 58 села останале без ниту еден жител. Во Скопскиот регион се создава 43 проценти од вкупниот БДП, додека Североисточниот регион има највисока стапка на невработеност од 32,4 отсто. Карактеристично е што 83 проценти од населението во државата живее во 43 урбани или градски општини, а само 17 отсто од луѓето живеат во останатите 37 рурални општини.

Ова се дел од наодите од конечниот Извештај за извршена ревизија на успешност „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата”, изработен од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Со ревизијата е опфатен периодот од 2019 до 2021 година, а дадени се состојби кои се случиле претходно и последователно до денот на ревизијата. Со ревизијата биле опфатени Министерството за локална самоуправа, Центрите за развој на планските региони, Бирото за регионален развој, a податоци биле обезбедени и од Државен завод за статистика.

„Ненавременото донесување на планските и програмските документи и потребата од нивно ажурирање согласно резултатите од спроведениот попис на населението во 2021 година, отсуството на критериуми за утврдување на годишните програми на линиските министерства кои имаат регионално значење, недостатокот од јасно разграничување на надлежностите помеѓу носителите на активностите, временскиот период и финансиските средства потребни за реализирање на Програмата за спроведување на Стратегијата за рамномерен регионален развој за периодот 2021- 2024 година, се причини кои придонеле да не се создадени потребните услови за ефективно спроведување на политиките за рамномерен регионален развој“, се вели во извештајот на ДЗР.

Според извештајот, освен Скопскиот и Полошкиот регион, сите останати плански региони се под просечната густина на населеност во земјата.

Општините Штип, Радовиш и Новаци се на врвот на листата по испразнети населени места за изминативе 20 години. Во овие општини има 40 населени места во кои нема ниту еден жител. Во општината Валандово се регистрирани 11 места без жители, во Чашка 10, додека по 9 има во Битола и во Прилеп. Во Неготино и во Маврово-Ростуше нема постојани жители во 7 населени места. Масовно иселување имало и во Градско, Свети Николе, Карбинци и Центар Жупа, а празни останале и села во Кочани, Дебар, Дојран, Студеничани, Ѓорче Петров, Струга, Липково и Гостивар.

„Со извршените анализи на обезбедените податоци утврдивме дека досегашните инвестиции не обезбедиле задржување на населението во руралните средини и нивна интеграција со градовите. Потребно е понатамошно подобрување на комуналната инфраструктура и основните услуги во селата со цел да се подобри квалитетот на животот, а со тоа и нивната конкурентност и способност да ја задржат помладата и подобро образована популација и да привлечат инвестиции“, се вели во извештајот на ревизорите.

Намалувањето во природниот прираст и зголемените надворешни миграции исто така се нотирани во извештајот, а за секоја институција надлежна да се грижи и да го спроведува рамномерниот регионален развој, ревизорите утврдиле пропусти и дале соодветни препораки.

„Со ревизијата утврдивме дека ресорните министерства и другите органи на државната управа кои реализираат програмски активности од значење за поттикнување на рамномерниот регионален развој не ги доставиле предлог програмите до Министерството за локална самоуправа за проценка како и до Советот за рамномерен регионален развој. Ваквата состојба е од причина што Советот нема донесено предлог за утврдување на поблиски критериуми за проценка, кој согласно Законот за рамномерен регионален развој требало да бидат донесени во рок од една година од стапувањето на сила на Законот, односно најдоцна до крајот на јануари 2022 година“, се вели во извештајот.

Со ревизијата било утврдено и дека во периодот 2019-2021 година од буџетот, во функција на рамномерен регионален развој, алоцирани биле средства во вкупен износ од над 9,3 милијарди денари, кои претставуваат 46 проценти од законски утврдениот износ од околу 20 милијарди денари.

„При тоа, со распределбата на средствата по плански региони не е обезбедена ниту доследна примена на Индексот за степен на развиеност на одделните региони. Во наведениот период најмногу средства се алоцирани во Скопскиот (26,2%), а најмалку во Источниот (6,9%) и Вардарскиот регион (6,7%)“, се вели во ревизорскиот извештај.

Во извештајот се вели дека обезбедувањето на соодветен систем, односно соодветна сеопфатна база на податоци за сите јавно финансирани проекти претставува еден од основните елементи за донесување на соодветни и навремени мерки и политики со цел постигнување на поставената цел односно обезбедување на рамномерен регионален развој.

Со Законот за рамномерен регионален развој, нотираат ревизорите, утврдена е обврска за формирање Електронски систем за координација на планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој (СиРеРа). Системот претставува централизирано место за собирање, користење и архивирање на податоци и информации значајни за планирање, спроведување, следење и оценување на политиката за рамномерен регионален развој. Надлежен државен орган за одржување, управување и користење на овој систем е Министерството за локална самоуправа.

Во извештајот се вели дека нерамномерната разместеност на населението и слабиот демографски потенцијал се една од главните пречки не само за рамномерен регионален развој, туку и за севкупен економски развој на државата.

„Активностите кои се преземани во изминатиот период не обезбеделе ефективност во остварување на подобри регионални демографски показатели. Потребно е ревидирање на предвидените мерки на национално, регионално и локално ниво и координирано дејствување со цел да се подобри атрактивноста на регионите и подобри квалитетот за живот помеѓу и во рамки на самите региони со цел да го задржат локалното население и да се подобри нивниот демографски потенцијал“, заклучуваат ревизорите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...