Покачувањето на субвенционираниот студентски оброк е во собраниска процедура

Предлог-законот предвидува и, како што инфлацијата ќе расте или се намалува, така во иднина да се менува и износот што ќе го добиваат студентите за субвенциониран оброк на дневна основа

Илустрација: Мета.мк

Во собраниска процедура се измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, со кои износот за студентски оброк треба да се зголеми за 20 денари дневно. Така, наместо 120 денари како и досега, од април студентите на месечно ниво ќе добиваат исплата во која се пресметани 140 денари дневно за секој работен ден од месецот.

Предлог-законот од група пратеници е поднесен на 15 март, а според агендата достапна на интернет-страницата на македонското Собрание, предлозите пред пратениците ќе се најдат на седницата закажана за 19 април.

Измените и дополнувањето на Законот за субвенциониран студентски оброк ќе се носат по скратена постапка, а се очекува зголемените средства за април студентите да ги добијат на почетокот од следниот месец.

Според пресметките и бројот на работни денови во месецот – вкупно 17, за април на студентите би требало да им бидат исплатени средства во висина од 2.380 денари.

Новиот предлог-закон за субвенциониран оброк, меѓу другото, предвидува и финансиската поддршка што ја добиваат студентите од државата за купување на храна да се усогласува согласно инфлациската стапка после секоја фискална година, а пред донесување на Републичкиот буџет за следната година.

Тоа значи дека како што инфлацијата ќе расте или се намалува, така во иднина на годишно ниво ќе се менува и износот што ќе го добиваат студентите за субвенциониран оброк на дневна основа.

Претставници на студентските собранија и организации во ноември седнаа на маса со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кога се договорија субвенционираниот оброк до март 2023 година да се исплаќа еднаш месечно, а потоа да почне да се применува системското решение.

Сепак, предлог-законот што наскоро ќе се најде пред пратениците предвидува системското решение да почне да се применува од стартот на следната учебна година, односно од септември.

Дотогаш Министерството за образование и наука (МОН) треба да избере банка која ќе биде носител на платниот промет преку кој ќе се плаќа субвенционираниот студентски оброк и која ќе ги изработи дигиталните картички со кои студентите ќе може да купуваат оброци кај регистрирани даватели на оваа услуга.

Инаку, деновиве до редакцијата на Мета.мк пристигнаа реакции од студенти кои велат дека кога се јавиле во МОН, од вработени во Министерството им било кажано дека мерката субвенциониран студентски оброк престанува во март и повеќе нема да се исплаќа.

Мета.мк се обрати до МОН, од каде ја демантираа ваквата информација, додавајќи дека студентите отсега ќе добиваат повисоки субвенции за оброци.

„Не е точна информацијата дека повеќе нема да се исплаќа субвенциониран студентски оброк, туку напротив, работиме на унапредување на системското решение што подразбира меѓу другото и зголемување на дневниот паричен надоместок, а предлог измените на Законот се во собраниска процедура. По нивно усвојување, исплатата ќе продолжи редовно, а студентите ќе го добиваат зголемениот износ“, се вели во одговорот на Министерството за образование и наука.