Средношколците да јадат помалку брза храна и повеќе да вежбаат, трендот на дебелина и неактивност расте

По спроведената анкета на Мета, која покажа дека средношколците најчесто јадат бурек, пециво или тост и дека дури 30 отсто речиси воопшто не се физички активни, консултиравме експерти за храна и спорт со предлози за тоа какви промени треба да направат училиштата, родителите и учениците

Фото: The image was posted by John R Perry on Pixabay

Родителите да се информираат подобро што јадат нивните деца-средношколци додека се на училиште, во училиштата да има автомати за храна која ќе биде нутритивно богата, а во наставната програма по физичко образование да се даде акцент на вежби кои ќе го намалат трендот на дебелина и на појава на деформитети кај младите.

Ова се препораките и советите од експерти за храна и спорт што ги консултиравме, по спроведената анкета на Мета, која покажа дека средношколците на училиште најчесто јадат бурек, пециво или тост и дека дури 30 отсто речиси воопшто не се физички активни.

Во врска со навиките во исхраната како и во спортувањето, поразговаравме со Марко Арсовски, лиценциран фудбалски тренер и професор по спорт и спортски активности во стручното училиште „Михајло Пупин“, како и со проф. д-р Игор Спироски, началник на одделението за исхрана во Институт за јавно здравје и професор на Медицински факултет.

Има активни ученици, но и ученици кои доаѓаат во 13 часот и велат „Добро утро“

Арсовски предава на околу 230 ученици во „Михајло Пупин“. Како што тој вели, околу 30 отсто од средношколците се активни, односно се занимаваат со некаков спорт – тренираат кикбокс, кошарка, фудбал или ракомет и тие се прилично активни, бидејќи речиси секојдневно имаат тренинзи.

„Во таа фаза на 16-17 години, актуелно е да почнуваат и со вежбање во теретана. Сите што влегуваат во теретана веќе почнуваат да влегуваат во систем на здрава храна и на зголемена физичка активност. Оние кои не вежбаат редовно, тие се т.н. рекреативци. Има и ученици што доаѓаат во 1 часот попладне на училиште и велат „Добро утро, професоре“, вели Арсовски.

До минатата година, кога во состав на училиштето функционирале три сендвичари, се случувало ученици уште во 7 часот изутрина да купуваат и да јадат хамбургери.

„Добри 20 отсто од учениците јадеа наутро сендвичи. Сега ситуацијата е подобрена откако ги затворија. Имаме ученици кои се хранат здраво, односно си носат од дома салати, овошје, стек и ориз, јаткасти плодови и слично, но тие се оние 30 отсто што тренираат редовно. Некои пак, се хранат во пекари, а некои јадат кроасани или грицки, смоки, чипсови. Имаме и ученици кои си земаат кило леб и паштети и си јадат на големите одмори. Ситуацијата можеби им налага така, да не можат да трошат многу пари додека се на училиште“, вели професорот.

Искривените `рбети и дебелината се проблем 

Како што појаснува Арсовски, кај учениците е забележливо дека качуваат килажа од септември до крајот на декември, а имало и мал број ученици кои станувале  непрепознатливи.

„Во надолна линија е трендот со дебелината и неактивноста. Последица на тоа се згрбавеноста, односно појава на кифоза, сколиоза и лордоза, вдлабнати гради и плус, имаат т.н. рамни стапала. Тоа е последица на поминување многу време во седење, на невнимавање во исхраната. Голем дел од деформитетите се јавуваат поради недоволна активност на мускулите, а најчесто страдаат токму мускулите на грбот. Така децата „закржлавуваат“, објаснува Арсовски.

Тој вели дека и родителите често се заштитнички настроени кон децата, па кога тој ќе им даде вежби соодветни за нивната возраст, следниот ден се случува да му се јавуваат родители и да реагираат дека децата имале воспалени мускули.

„Во врска со наставната програма, сметам дека е потребно да се стави акцент на растот и развојот кај средношколците во однос на соодветни вежби кои ќе ги прават. Повеќе акцент треба да се стави на вежби кои ќе се во прилог на намалување на обезбноста и на деформитетите на телото“, порачува Арсовски.

Учениците да си носат храна од дома 

По објавата на анкетата во врска со навиките во исхрана кај средношколците, проф. д-р Спироски, за Мета.мк вели дека она што може да се даде како совет за родителите е дека тие треба да знаат што јадат нивните деца додека се на училиште.

„Тие може да им спремат јадење од дома. Но, освен тоа треба и да разговараат со нив во врска со исхраната, да им објаснат што е добро за нив, а што не. Оти ако се зборува за храната, тогаш е добра појдовна основа децата тоа да го усвојат. Комплетна контрола на родителот е илузорно да се очекува, бидејќи ако родителот не му даде храна за на училиште, ќе му даде пари. Нема комплетна контрола, но добра е препораката да се зборува, оти од секого би требало да се очекува некаква писменост во врска со здравјето. Не зборувам за длабински знаења, но за основни знаења кои би требало секој граѓанин да ги има“, смета д-р Спироски.

Поставување автомати во училиштата со нутритивно богата храна 

Кога станува збор за исхраната додека се учениците на училиште, целиот товар не треба да падне само на родителите и на децата, додава д-р Спироски.

„Треба да се создаде и соодветна средина во училштата. Потребно е да се оди кон нутритивно профилирање, односно продавниците кои се во училиштата или автоматите за храна, да нудат опции на храна која е поздрава. Да им се каже на сопствениците на автоматите и на продавниците, каква храна може да продаваат, да не биде тоа оставено на нивен избор. На пример, да не може да се продава газиран пијалок, туку само вода, потоа, производите да имаат соодветен сооднос на јаглехидрати, масти и протеини“, предлага проф-д-р Спироски.

Ова, според него може да се реши на локално нивно.

„Со оглед на фактот дека на пример, основачи на средните училишта во Скопје, е градот Скопје, би требало токму оттаму да произлезе иницијатива за нутритувно профилирање на храната која им се продава на средношколците“, смета тој.