Средношколците најчесто јадат бурек, хамбургер, тост или пециво додека се на училиште, а најчесто пијат кафе или вода. Ова го покажаа резултатите од анкетата што ја направи Мета.мк, со која целта беше да видиме какви се навиките во исхраната на средношколци од неколку училишта за средно образование, како и колку често спортуваат. Анкетниот прашалник го одговорија вкупно 672 ученици.
Ги прашавме учениците, дали јадат во училиште, односно дали си носат храна од дома или купуваат од околните локали. Вкупно 68 отсто (459 ученици) одговориле дека си купуваат за јадење од локалите близу училиштето, 15 отсто (102 ученици) одговориле дека си носат храна од дома, а 16 отсто (110 ученици) не јадат во периодот додека се на училиште.
За тоа, како се хранат и што си купуваат за јадење, 409 средношколци (63 отсто) рекле дека јадат бурек, хамбургер, тост или некое пециво, додека 121 ученик рекле дека купуваат чипс, соленки или благо. Дека не купуваат ништо, се изјасниле 80 ученици (12 отсто) од анкетираните, а опцијата „друго“ ја избрале 37 ученици (6 отсто).
Трошат до 100, но и повеќе од 100 денари
Во однос на сумата што ја трошат за храна и пијалок на дневно ниво, 376 средношколци (57 отсто) рекле дека трошат до 100 денари, 260 (39 отсто) ученици се изјасниле дека трошат од 100 до 300 денари, а пак, 28 ученици рекле дека за храна и пијалок дневно даваат повеќе од 300 денари.
Ги прашавме средношколците и каков пијалок најчесто консумираат во периодот на слободното време што го имаат во текот на училишниот ден. Највисок процент, 44 отсто одговориле дека пијат кафе или вода, 132 ученици рекле дека си купуваат некој газиран пијалок, 123 – негазиран пијалок, а пак, 95 ученици рекле дека не купувата ништо за пиење. Вкупно 24 ученици ја избрале опцијата „друго“.
Овошје и зеленчук, неколку пати неделно
Анкетниот прашалник содржеше и прашање во врска со внесот на зеленчук и овошје во секојдневието. Овде, 242 (36 отсто) ученици кажале дека јадат зеленчук и овошје неколку пати неделно, а задолжително, секој ден, се изјасниле дека јадат 228 ученици (34 отсто). Опцијата „Многу ретко“ ја одбрале 149 ученици (22 отсто), а пак, дека не јадат воопшто овошје и зеленчук, одговориле 53 ученици (8 отсто).
„Дали и колку често спортуваш?“ е прашање кое исто така го одговараа анкетираните средношколци. Резултатите покажаа дека 330 ученици (49 отсто) практикуваат спорт еден до два часа дневно. Повеќе од два часа дневно рекле дека спортуваат 136 ученици (20 отсто). Сепак, не е мал процентот на ученици кои рекле дека воопшто не се физички активни – 205 ученици (31 отсто).
„Скапа е храната, едно лиснато е 80 денари“
Во анкетниот прашалник имаше опција анкетираните да напишат забелешки во врска со храната. Меѓу коментарите, имаше такви кои се однесуваат на високите цени кои учениците мораат да ги платат за да јадат.
„Во прва година беше подобро, за 70 денари јадевме баничка, јогурт и крем банана, а сега едно лиснато со воздух е 80 денари“, гласи еден од коментарите на учениците.
Некои од нив пак, напишале и дека недостигаат повеќе локали за храна, а други, навеле дека имаат доволно места каде можат да си купат храна, но изборот на храна таму не е добар. Има и ученици кои велат дека им недостига место, односно менза во која ќе можат да јадат додека се на училиште.
„Големиот одмор треба подолго да ни трае бидејќи немаме време да си купиме за јадење и да јадеме“, гласи еден од коментарите.