Две третини од учениците во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство

Photo by Priscilla Du Preez on Unsplash

Речиси две третини од учениците во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство помеѓу учениците во нивното училиште. Околу една третина од учениците одговориле дека биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година. Овие поразителни бројки произлегуваат од анкетата со 995 ученици и 255 наставници спроведена од Институтот за човекови права од декември 2021 до февруари 2022 година во средните училишта во Скопје.

Мнозинството од анкетираните сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште. Споредено по пол, девојчињата за разлика од момчињата смтаат дека булингот е поприсутен во нивното училиште.

Учениците сметаат дека говорот на омраза најчесто се сретнува на социјалните мрежи и во изминатата година oколу една четвртина од нив биле изложени на некоја форма на говор на омраза.

„Истражувањето упатува на заклучок дека постои голема тешкотија да се зборува за личното искуство со говор на омраза, од перспектива на жртва. Додека голем број на ученици сметаат дека омразата е изразена преку говор во училиште е честа појава, само мал дел се спремни да зборуваат, а оттука и да пријават доколку биле жртви на говор на омраза. И учениците и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспостранет на социјалните мрежи“, се наведува во соопштението на Институтот за човекови права.

На анкетата повеќе од 1/3 од учениците одговориле дека дискриминацијата е присутна во училиштата, а од нив многумина познаваат соученици за кои мислат дека биле изложени на дискриминација во изминатата година во училиште.

Има значителни разлики меѓу перцепцијата на учениците и перцепцијата на наставниците за постоењето на говор на омраза и дискриминација во училиштата, имено перцепцијата на наставниците за постоење на овие феномени во училиштатата е значително пониска, се наведува во соопштението на Институтот за човекови права.