fbpx

Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство за 2020 година

-

„Наградите од Европската Унија за истражувачко новинарство“ за најдобри остварувања во 2020 година во Македонија беа доделени во средата во хотелот Александар Палас во Скопје.

Заменик-амбасадорот на Европската делегација во Скопје, Џулијан Васало истакна дека истражувачкото новинарство е од голема важност, бидејќи придонесува во заштита на јавниот интерес и бара отчетност од оние кои се на власт.

Тој додаде дека „храбри новинари се оние кои истражуваат на храбар начин и отвораат прашања за коишто останатите не се осмелуваат да прашаат и на тој начин ги прават општествата подобри“.

Првата награда оваа година отиде во рацете на младиот новинарски тим од Радио МОФ – Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски и Емилија Петреска за истражувањето со наслов „По трагите на Балканскиот рис – истражувачка сторија во две продолженија“, која жирито ја оцени како производ базиран на извонредно истражување.

„Разочарувачки е тоа што и повеќе од една година од објавата, институциите не се најдоа погодени да реагираат на наодите кои буквално на тацна им се дадени. Каква иднина воопшто имаме со оглед на тоа што продолжуваме да ги уништуваме еко системите, продолжуваме да го уништуваме живеалиштето на балканскиот рис и на целото природно богатство кое го имаме, а со тоа и самите си се уништуваме“, рече Емилија Петреска од Радио МОФ по примањето на наградата.

Втората награда ја освои новинарската екипа на Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија за серија истражувања поврзана со медицинска опрема, тестови, маски во екот на пандемијата со наслов „Пандемиско профитерство – другата страна на приказната со ковид-19“.

„За жал ниту едно од овие истражувања не доведе до тоа институциите да преземат мерки,“ изјави Дави Илиевски од ИРЛ.

Третата награда ја доби сторијата со наслов „Работат 44, а плата земаат 1.410 лица – Истражувачки серијал за работата на Министерството за политички систем“ од авторите се Кристина Озимец и Влатко Стојановски.

„Оваа сторија е посветена на прво Секретаријатот, а потоа и Министерството за политички систем кое служеше како регрутен центар за вработување на кадри за кои не биле важна професионалноста туку етничката припадност, а тоа државата ја чинело 100 милиони евра. Се надевам дека со оваа сторија придонесовме за решавање на еден проблем“, рече Стојановски.

ЕУ наградите за истражувачко новинарство имаат за цел да ги поттикнуаат и промовираат извонредните постигнувања на истражувачките новинари во земјите на Западен Балкан и Турција, како и да ја подобрат видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји во јавноста.

Во Македонија наградата е координирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) додека регионалниот конзорциум е воден од Мрежата Балканска истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...