Младите и дезинформациите тема на новото издание на „Лице в лице“ кое одбележува девет години постоење

Фото: Лице в лице

Со кампањата „Проверувај, па верувај“, која започнува денес со излегување на новото 47. издание на „Лице в лице“, се одбележува девет години од постоењето на списанието за одржлив развој.

„Лагата веќе го обиколува светот, додека вистината ги обува чевлите“, е мотото кое го носи 47. издание на „Лице в лице“. Кампањата започна во Струга, каде граѓански организации, медиумски работници, млади луѓе – волонтери и ученици, претставници на институции и локална самоуправа, учествуваа во кокреирањето на содржините за ова издание. Овој пат, во рамки на одбележување на деветгодишнината, преку новиот број на „Лице в лице“ сакаме да дадеме свој придонес кон спречување на дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза, нудејќи контранаративи на овие негативни предизвици на новото доба,“ велат од тимот.

Од таму додваат дека со новото издание се става посебен акцент на говорот на омраза кон луѓето со интелектуална попреченост, кон луѓето со вишок килограми, но, и кон различностите генерално.

„Беа активирани млади лица во Струга, со кои, под авторство на фотографката Кристина Затуровска, креираа фотографии кои го илустрираат секојдневието на млад човек, преплавен со (дез)информации, а беа креирани и фотоприказни за односот на граѓаните кон луѓето со попреченост и за говорот на омраза насочен кон нив,“ се додава во соопштението.