fbpx

Додека работните групи преговараат, ВМРО-ДПМНЕ се пребројува и остварува на терен

-

Месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ деновиве се растрчани по членството, правејќи списоци за тоа кои се активни, кои пасивни, а кои нивни приврзаници се откажале од нив, дознава „Мета“. Како што дознаваме, оваа активност е планирана во пресрет на предвремените парламентарни избори, закажани за април 2016 година, а кои владејачката партија сериозно ги зела предвид и веќе работи на терен.

Нивни екипи одат од врата на врата и ги прашуваат членовите зошто се откажале од партијата и како можат да им помогнат.

Од ВМРО-ДПМНЕ неофицијално велат дека ова е стандардна динамика на работата на комитетите во поглед на ажурирањето на нивните членови. Официјално, пак, никој од повисокото раководство не сакаше да го коментира ова.

Слична е состојбата и во другите градови низ Македонија.

Како што јави дописникот на „Мета“ од Штип, месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ имаат поделени задачи за редово ажурирање на списоците со членство. Секој член одделно има обврска да контактира со соседи и со членови, поделени според местото на живеење. За тие за кои не се знае со сигурност дали по убедување остануваат со идеологијата на партијата и се сигурни гласачи, се организираат и средби лице в лице. Така се добива поприлично прецизен список на сигурни гласачи. Освен тоа, директорите на инсистуциите имаат задолженија, по потреба, да достават информација за постојаните партиски членови, односно гласачи и вработени, за кои немаат сигурна потврда дека им се приклонети.

В.Д. координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, Никола Мицевски, во телефонски разговор ни изјави дека средбите со членството и ажурирањето на списоците се „редовна работа“.

– По потреба организираме посети на нашите членови, одржуваме и редовни партиски состаноци. Работењето со членството не престанува, ниту, пак, особено се интензивира пред априлските избори – вели Мицевски.

Сепак, раздвижено е и во општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Нашиот дописник од овој град јавува дека и таму членството се брои и се пребројува, а секој од повидните приврзаници има задача да привлечe нови неопределени гласачи.

Членови од партијата на власт велат дека од 1 септември партијата се мобилизира, со тоа што секој општински комитет деновиве имал задача да обезбеди простор каде ќе бидат сместени партиските штабови во секое маало. На потег се и помали организации од месните комитети, т.н. КИМ-тимови („конкрентно избирачко место“), со задача да одат од врата на врата и да ги потсетат членовите и симпатизерите дека се подготвуваат избори и дека партијата смета на нивната поддрша. „Најтешката“ задача, наводно, им е дадена на поранешни функционери на партијата, пратеници и советници кои својот кредибилитет треба да го вложат во мобилизирање и во привлекување нови, неопределени граѓани.

– Атмосферата почнува да се загрева. По месните комитети имаме задача да го евидентираме членството и, секако, да вложиме максимум од себе за да привлечеме нови членови. Веќе се прави хиерархиска стратегија за одење од врата до врата – велат членови на партијата на власт во Битола.

Пред некоја година, бројот на членски книшки во општинскиот комитет во Битола се движеше околу 14.000. Сега, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Борче Димитровски, вели дека партијата функционира во континуитет, а бројот на членови се зголемува од избори до избори.

– Партијата фукционира стандардно. Бројот на членови е во пораст и надминува повеќе од 15.000 членски книшки – вели Димитровски.

Пред околу една година, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово ја завршил пререгистрацијата на активни и на пасивни членови на партијата. Според партиски извори, ажурирањето на податоците на членовите траело околу 20 дена, период за кој партиска книшка добиле и голем број нови членови.

Ажурирањето на податоците го прават посебни формирани тимови со известување од врата на врата или, пак, со телефонски повици до нивното членство. При ажурирањето, тимот со нивниот сопартиец ги разгледува можностите околу неговиот понатамошен ангажман во партијата, дали да ја задржи истата или да преземе некоја друга функција или место во партиските комисии.

Од СДСМ велат дека имаат точен податок за нивното членство, кое брои околу 70.000 граѓани.

– За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, ние не правиме списоци на граѓани и на членови на партија – вели за „Мета“ Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...