Доцна и нецелосна најава на тестирањата за упис во средно, реагира Младинскиот образовен форум

Ученичка приложува документи за упис во средно училишта / Фото: Арбнора Мемети

По вчерашната најава дека во средните училишта во кои ќе има повеќе заинтересирани ученици од слободни места во прва година ќе биде спроведено квалификационо тестирање, Младинскиот образовен форум изрази загриженост околу целиот процес на тестирањето.

За нив проблематично е тоа што за точниот термин учениците беа известени нецели четрити дена пред тестирањето за два теста, по математика и мајчин јазик, но и фактот што истото доаѓа во услови на сериозна здравствена криза, со што се изложуваат на ризик учениците, наставниот и техничкиот кадар и нивните семејства.

Младински образовен форум лого

„Два тестови во еден ден (особено квалификациони), не смее да биде пракса во ниеден случај. Ова се избегнува во редовното тестирање во училишата, како во основно така и средно образование, дури и при полагањето на испити во високото образование. Мора да се има на ум дека за ученици кои штотуку завршиле основно образование, ова ќе претставува особено сериозен и стресен процес, за кој немаат начин да се подготват дури ни во услови кога испитите би биле најавени порано“, стои во реакцијата на МОФ.

Дополнително отежнување е тоа што во текот на последното полугодие учениците учеа во вонредни услови, односно беше спроведено далечинско учење, кое по квалитетот и интензитетот беше различно од образованието на учениците во годините наназад.

Учениците веќе ги имаат вратено учебниците кои училиштата им ги даваат на бесплатно користење, што значи дека за приемните испити ќе можат да се користат само онлајн достапните содржини, додаваат од МОФ. Тие алармираат Министерството за образование и наука да работи на соодветно и навремено идно превенирање на вакви и слични проблеми.

“Додека Министерството за образование не најде соодветен модус за превенирање на овие ситуации во иднина, мора да се остави простор училиштата да одлучат за отворање на поголем број паралелки доколку за истото имаат соодветни можности и услови. Колку за илустрација, минатата учебна година, тестирањето во некои од училиштата беше најавено само поради не повеќе од 30 ученици за кои немаше место во постоечките паралелки“, велат од МОФ.

Во последнинте две недели во нашата земја се забележува рекорден број на лица заразени со ковид-19. За споредба, во периодот кога имаше значително помал број заболени лица, Министерстово за образование и наука донесе одлука средношколците во завршните години да не полагаат државна матура и завршен испит.

Во соседна Србија, учениците во осмо одделение трет ден по ред полагаат завршни испити, односно мала матура. Таму малата матура е задолжителна за сите ученици кои врз основа на резултатите се распоредуваат вo средните училишта каде ќе го продолжат образованието. Тамошниот министер за образование најави дека уписите во средните училишта ќе се одвиваат електронски.

Приемни испити ќе има и во средните училишта во Турција. Поради тоа ќе биде воведен ограничен полициски час за да се спречат гужвите на улиците додека траат тестирањата.