На 22 јуни ќе има тестирање за упис во средните училишта каде се пријавени поголем број ученици

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Поради пандемијата со ковид-19, оваа учебна година заврши надвор од училишните клупи, а уписите во средните училишта се одвиваат под „корона услови“. Владата усвои протокол со кој се уредува начинот на кој што одвиваат уписите.

Оваа учебна година најголем е интересот за средното медицинско училиште и гимназиите. Од стручните училишта, интересот е голем и за насоката телекомуникации при средното училиште „Владо Тасевски“, како и струката компјутерска техника и автоматика при средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“.

Во оние училишта каде што се пријавуваат поголем број ученици од планираниот број со еднаков број поени, ќе се организира квалификационо тестирање од предметите значајни за струката.

Тестирањето ќе се одвива во средните училишта на 22 јуни 2020 година, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават истиот ден. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

По објавување на ранг листите со резултатите од запишувањето, учениците кои не се запишани во училиштето, задолжително ја подигнуваат целокупната доставена документација поднесена во училиштето во рок од 48 часа.

Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни 2020 година.

Според конкурсот што го објави Министерството за образование и наука, во средните училишта има 35.919 слободни места.

Оваа учебна година, матурантите не полагаа државна матура, откако со мерка на владата се укина државната, училишната матура и завршниот испит за оваа учебна година. Со тоа, средношколците ќе добијат валидни дипломи за завршено средно образование, кои ќе им важат и во странство.