Фото: Ketut Subiyanto на Pexels

Откако портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунинг, на прес-конференција изјави дека САД треба да испитаат дали ковид-19 потекнува од биомедицинскиот центар на американската армија „Форт Детрик“, во чии рамки работи и Агенцијата за биозаштита, во Фредерик, во сојузната држава Мериленд, профили на инфлуенсери и кинески државни медиуми оваа информација ја пренесоа на кинеската платформа за микроблогирање Веибо, а со цел дa промовираат теории на заговор дека вирусот е измислен во лабораторија во САД, пишува „ДФРЛаб“, пренесува „Критинк“.

Неколку хаштагови поврзани со Форт Детрик станаа вирални на Веибо после прес-конференцијата на 18 јануари 2021 година. Додека државните медиуми инсинуираа дека лабораториите во САД се извор на вирусот, профилите на разни инфлуенсери директно го обвинија Форт Детрик дека го произведува вирусот како биооружје.

Кина и САД се во конфликт околу потеклото на вирусот ковид-19 од февруари 2020 година. Во февруари 2020 година, на американските платформи за социјални медиуми се појавија теории на заговор, обвинувајќи го Институтот за вирусологија во Вухан како креатор на вирусот. Научниците подоцна ги отфрлија ваквите теории, изјавувајќи дека вирусот најверојатно потекнува од лилјаци, пренесен на други животни и на крајот стигнал до луѓето мутирајќи и пренесувајќи се на јавниот пазар во Вухан. Како одговор на теориите на заговор, кинеската влада се обиде да ја добие „битката“ обвинувајќи ја американската армија дека го „донела“ вирусот ковид-19 во Вухан за време на Воените светски игри во 2019 година. Целиот напис на „ДфрЛаб“ може да се прочита тука.