fbpx

Дезинформација е тврдењето дека СЗО го менува ставот за корона вирусот

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Босанско-херцеговскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba се зафати со анализа на статија објавена или пренесена во некои портали од српско-хрватското јазично подрачје, во која се тврди дека дека Светската здравствена организација (СЗО) го сменила својот став за сузбивањето на пандемијата на Ковид-19.

Всушност, станува збор за текст преземен од Infowars, порталот познат по теории на завери и антиглобалистички текстови. Тврдењата изнесени таму, а пренесени на балканските портали, се експлицитни: Дека СЗО „повторно го сменила ставот“ и сега ја поддржува шведската политика на незатворање. Како извор на тврдењата се посочува на изјавата на Мајк Рајан, извршен директор на Програмата за вонредни здравствени ситуација на СЗО дадена на прес-конференција на 29 април.

Во текстовите – и во оригиналниот, и во тие на балканските јазици, се потсетува дека Шведска решила да не ги затвора училиштата, угостителските објекти, како и граѓаните, а само советувала одржување растојание и сега се покажало дека таа политика функционира, односно по жител, Шведска имала пониска стапка на смртни случаи од Велика Британија.

Како што пишува raskrinkavanje.ba, Рајан одговарајќи на новинарско прашање на една шведска новинарка дали шведската политика на незатворање може да значи подобра заштитеност во случај на втор бран на пандемијата, бидејќи е развиен колективен имунитет, рекол дека Шведска сепак препорачувала одржување растојание и самоизолација, како и други мерки.

„Што се однесува до концептот на колективен имунитет, мислам дека ќе причекаме…. Би рекол дека општиот резултат, дури и во краевите каде пренесувањето на вирусот беше многу интензивно, дека процентот на луѓе што имаат антитела во крвста е всушност многу мал, што е загрижувачки, бидејќи значи дека многу луѓе остануваат подложни на заразување“, истакнал, меѓу другото, Рајан.

Според сето тоа, Шведска „не ја игнорираше болеста Ковид-19 и не дозволи да се шири и, а ако мерките во другите земји се укинат и се се врати по старо, постои опасност да се врати пандемијата. Односно, тврдењата на американскиот и на балканските портали не се точни и СЗО не го сменила ставот, заклучува raskrinkavanje.ba.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.