До крајот на мај би требало конечно да се знае кој ќе го чисти линданот од малата депонија во кругот на некогашната фабрика ОХИС, изјави за „Мета.мк“ Насер Нуредини, министер за животна средина. „Деновиве зборував со претставникот на УНОПС (Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги) за нашиот регион и му ја изразив загриженоста и потребата за довршување на процесот, на чијашто подготовка работевме долго и напорно“, рече Нуредини.

Тој посочува дека поради состојбата со епидемијата Ковид-19, сè уште не е довршен процесот на евалуација на понудите пристигнати на тендерот објавен од страна на Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) за фирма која ќе работи на чистењето на опасната хемикалија која повеќе децении се наоѓа депонирана на небезбедна локација во кругот на некогашниот хемиски гигант. Се требаше да биде завршено минатиот месец и требаше да биде објавено името на компанијата која ќе го чисти линданот, но за жал тоа уште не се случи, вели министерот. УНИДО сè уште работи на евалуацијата на пристигнатите понуди.

Рокот за чистење на малата депонија на токсичниот линдан во дворот на ОХИС истекува на крајот на следната година. Третманот на малата депонија може да трае и до 18 месеци, што значи дека е извесно дека роковите ќе бидат пробиени.

Во дворот на ОХИС покрај малата се наоѓа и голема депонија во кои се претпоставува дека има над 13.000 тони линдан, покриен со 20.000 тони земја, која досега е целосно контаминирана и самата претставува опасен отпад, кој се развејува со ветерот низ околината и претставува голема опасност по човековото здравје. Со изборот на компанија која ќе го чисти линданот во малата депонија, треба да се избере и најдобрата технолошка постапка која, според очекувањата на експертите, не само што најефикасно ќе ја исчисти малата депонија, туку таа потоа ќе може да се примени и на чистењето на остатокот на линданот, депониран во дворот и во околината на ОХИС.

Се претпоставува дека во ОХИС има и трета депонија, а информации од поранешни вработени потврдуваат дека линдан е закопан и во близина на локалитетот „Пеленица“ кај Драчево. По пишувањата на МЕТА, минатата година Министерството за животна средина изврши оградување на земјиште на Пеленица, каде дотогаш беа одржувани школски екскурзии. Засега, од Министерството без одговор кога би дошло на ред истражувањето и евентуалната ремедијација на оваа локација.