Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Балканските сервиси за проверка на фактите и за борба против дезинформациите сѐ уште имаат полни раце работа со лажни вести и некои дезинформации во врска со ситуацијата на корона вирусот, за можна заштита од заразување, како и за мерките што се преземаат во справувањето.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите Ellinika Hoaxes демаскираше тотална дезинформација која се ширела на социјалните мрежи, а која  содржела „мерки“ за заштита од заразување со корона вирусот што  „Богородица му ги кажала на монах на Света Гора“.

Наводно Богородица порачала секој православен дом што сака да се заштити треба над влезната врата на домот со маслиново масло да нацрта крст и така никој немало да се зарази. Но ваквото тврдење за некакво божествено јавување на Богородица е оповргнато од новинската агенција за вести од православниот свет „Ромфеја“, која рекла дека станува збор за измислица.

Агенцијата контактирала со Света Гора, од каде им рекле дека верниците треба да се информираат само преку официјалните канали на оваа свештена заедница, пишува „Ellinika Hoaxes“.

Овој сервис разоткри уште една дезинформација за корона вирусот, која за разлика од претходната, која е од областа на верата, доаѓа од сферата на „науката“. Имено, на социјалните мрежи и на веб-сајтот на една грчка ординација блогови на грчки јазик се појавила инфрмација дека со медицинскиот апарат ONDAMED може да се спроведува „медицински протокол“ за корона вирусот.

„Според описот ,ONDAMED` е медицински уред за неинвазивна, медицинска, детоксификациска постапка за спречување и за лекување бројни психолошки и патолошки проблеми во телото. Тој работи по методата на молекуларен биофидбек, односно со пулсови од електромагнетни бранови“. Грчкиот сервис за борба против лажни вести посочува дека на сајтот на ординацијата се вели дека ONDAMED го зајакнува имуниот систем, но всушност биофидбекот е техника за контрола и регулација на некои функции на телото, како срцевиот ритам, но најчесто се користи за намалување болка. „Сепак, досега не е користен за спречување или за лекување инфекции, ниту има научна потврда дека може да има макар и најмал позитивен ефект во ваков случај“, пишува сервисот.

„Ellinika Hoxes“ појаснува и дека уредот е изум на Волф Дитер Кеслер, кој работи алтернативна медицина „која е неподдржана научно“.

Српскиот сервис за борба против лажните вести „FakeNews Tragač“ пак анализираше една вест што се појави во голем број српски медиуми – дека Кина прогласила крај на епидемијата – и утврдил дека станува збор за дезинформација.

Откако се појавила веста, проверувачите на факти виделе дека таа во  медиуми на други јазици ретко каде се појавува, а ја немало ни на кинеските медиуми и на веб-сајтовите на кинеските институции. За дополнителна проверка, „FakeNews Tragač“ испратил прашање и до новинарот Јун Маи, кој пишува за „Саут Чајна Морнинг Пост“, кој им посочил дека власта во Пекинг се пофалила дека „во голема мерка е запрено локалното пренесување“, но оти тоа не значи дека е прогласен крај на епидемијата. Тоа се гледа и од фактот дека голем број од строгите мерки се уште на сила.