fbpx

Чавков го покани грчкиот министер за внатрешни на средбата за мигрантската криза

-

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, во интервју за грчката новинска агенција АНА МПА, го повика својот грчки колега да присуствува на состанокот на министрите за внатрешни работи на Србија, Македонија, Унгарија и на Австрија, кој треба да се одржи деновиве, и на кој ќе се разговара за мигрантската криза со која се соочуваат земјите од регионот.

„Грција е една од клучните алки во синџирот за решавање на проблемот со миграцијата. Една од најкритичните, со оглед на тоа што е првата земја во т.н. балкански коридор, и прва земја од Европската унија во која влегуваат илегалните мигранти. Ова интервју го сметам за еден вид јавен повик до министерот на вашата земја да присуствува на состанокот. За доброто на нашите граѓани и за доброто на илјадници мигранти што секојдневно минуваат низ нашите земји, ние сме подготвени да ги оставиме зад себе сите наши несогласувања“, изјавил Чавков во интервјуто.

За соработката со грчката полиција околу мигрантската криза, Чавков вели дека по долго време, грчката полиција почнала да соработува со македонската, но додал дека постои простор за понатамошно подобрување на соработката.

„Претходните години, и од страна на претходниот министер за внатрешни работи на нашата земја и од моја страна, имаше многу напори за подобрување на соработката. Предложивме и соработка на ниво на началници на полицијата на двете земји, но без успех. И покрај тоа што би можеле да имаме соработка во интерес на граѓаните на нашите две земји, никогаш не добивме позитивен одговор“, изјавил Чавков за АНА МПА, изразувајќи надеж дека „сега е вистинското време за да се покаже дека пријателите и соседите може и треба заемно да се поддржуваат“.

Зборувајќи за актуелните случувања околу кризата, Чавков рекол дека во случај Грција во еден ден да ја напуштат 5.000 мигранти, 3.000 од нив би останале во земјава бидејќи Македонија има возови кои можат да превезуваат 1.000 луѓе дневно и компании за превоз чии автобуси можат да пренесат уште 1.000.

Според министерот за внатрешни работи, голем број од мигрантите не успеваат да најдат транспорт, со што нивниот број во Гевгелија се зголемува, на што реагирале жителите на градот. Во еден момент, имало ситуација кога во градот од 15.000 жители, имало 8.000 мигранти.

Чавков, во интервјуто подвлекол дека Македонија не е членка на Европската унија (ЕУ) и дека нема на располагање ресурси и средства на ЕУ.

„ЕУ може да помогне со финансиски и со технички средства и со човечки ресурси. Но, најголема помош ќе биде ако се подготви конзистентна политика и конечно се најде решение за проблемот, хумано решение, во согласност со европските стандарди, што ја покажува европската солидарност во практика, особено за илегалните мигранти и за нивната трагична судбина, но исто така и за земјите што се најмногу изложени на миграциските текови“, истакна Чавков во интервјуто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.