fbpx

Бриселскиот договор не го намали бегалскиот бран кон Грција

-

Бегалскиот бран кон Грција не стивнува ниту по договорот за враќање на сите бегалци во Турција. Според официјалното соопштение на координативното тело за справување со бегалската криза, до денеска има 50.441 регистриран бегалец. Од вчера до изутринава на грчките острови од Турција пристигнале 1.662 нови бегалци, a на пристаништето Пиреа утринава стигнаа нови 582 бегалци.

Според европскиот договор, новите бегалци ќе треба да бидат регистрирани, да поднесат барање за азил, потоа да се пренесат во мигрантски центри низ целата земја, кои веќе се преполнети, и таму да чекаат дали ќе им биде одобрено барањето за азил или ќе бидат вратени во Турција. Грција се организира за зголемување на капацитетите на правниот персонал за проверка на барањата за азил, за што ќе добие помош и од европски и од турски контролори.

Ситуацијата со бегалците и понатаму е најкритична на Идомени, каде се регистрирани повеќе од 13.000 бегалци, кои остануваат заглавени во неизвесност дали ќе успеат да добијат одобрение да заминат во Европа или, пак, ќе останат таму на неодредено време. Дел од бегалците на Идомени, изморени од условите за живот, прифаќаат да се префрлат во прифатните центри низ Грција и се качуваат во автобусите кои трпеливо чекаат во кампот. Други одбиваат да си заминат, велејќи дека воопшто не ги интересира да се вратат во прифатните центри, бидејќи нивната цел е една и единствена- да заминат кон западните и северните држави на ЕУ и таму да најдат подобар живот, а дел од нив и да се најдат повторно со своите семејства кои веќе се таму.

Грчката железница одлучи да им помогне на бегалците на Идомени со тоа што или утре или неделава ќе донесе шест вагони само со коли за спиење, каде би можеле да се засолнат и да спијат бегалците, наместо да бидат во шаторите во нивите, среде кал и ѓубре, изложени на неизвесноста на временските услови. Секој од вагоните за спиење има капацитет за 40 луѓе.

Ситуацијата е критична и на пристаништето Пиреа, каде во дивиот неорганизиран камп околу чекалниците се собрани повеќе од 5.000 бегалци, а бројката секојдневно се зголемува и ќе се зголемува поради европскиот договор, со кој ќе мора сите бегалци од островите да се донесат на копно, а потоа да се вратат назад кон Турција.

Оние бегалци, околу 48.000 кои се влезени во Грција пред 20 март, остануваат во земјата и дали ќе останат на грчко тло со години или, пак, ќе успеат да заминат во ЕУ зависи од добрата волја на европските државив во чии раце е да одлучат дали и колку нови бегалци ќе примат, одлука која засега е во мирување бидејќи граничната порта не е отворена со денови.

Во Грција вознемиреност предизвика изјавата на австриската министерка за внатрешни работи, Јоана Микл-Лајтнер, која апелира да се затвори и рутатата на Источен Балкан, со предупредување дека оттаму би можеле да поминат 1,1 милион бегалци преку Бугарија кон Централна Европа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...