Колкав е износот на штетата што ја направиле демонстрантите при демолирањето на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје на протестите против аболицијата од 13 април, ќе утврдува Биро за судски вештачења.
Ова, како што пренесува „Телма“, било одлучено на денешното рочиште од судскиот процес против демонстрантите Никола Аризанов и Филип Наковски, чиј почеток третпат е одложен.
Претходно судијката што го води предметот му наложи на обвинителството за 24 часа да ја процени поединечната штета. Во средата оваа недела, поради кусиот рок за да се направи проценката, обвинителството побара дополнително време и одложување на рочиштето за денеска.
Двајцата демонстранти се товарат за учество во толпа која ќе изврши кривично дело, односно дека на 13 април на протестите против аболицијата на политичари и на нивни соработници, ја искршиле народната канцеларија на Иванов, предизвикувајќи штета од 15.000 евра.