fbpx

Бесплатниот превоз ги задолжи училиштата

-

Од  денеска почнува уписот во средношколските центри во Штип, следен со неизвесност не само за тоа дали ќе има доволно ученици за да се пополни квотата, туку и со фактот дека уписите можат да донесат нови долгови за училиштата. Имено, училиштата и Општината Штип веќе должат 400.000 евра за неплатен превоз на учениците што доаѓаат од соседните градови. Законот предвидел Општината да го плаќа превозот на учениците што живеат подалеку од 2,5 километри од училиштето.

Бесплатниот превоз ги наполни штипските училишта, но тоа направи огромен долг, кој Општината одвај го сервисира. Станува збор за долг наследен од претходната владејачка локална гранитура. Кога беше избран новиот градоначалник, Илчо Захариев, Општината одлучи да ги плаќа тековните обврски кон превозниците, меѓутоа не и заостанатиот долг од 400.000 евра.

Превозниците одговорија со тужби кон средните училишта и кога судските решенија стануваа извршни, дел од парите овие превозници ги наплатија преку сметките на училиштата.

Дури 201.000 евра бил долгот кон превозниците на Медицинското училиште „Јане Сандански“, кое досега успеало да го намали долгот на 128.000 евра. Гимназијата „Славчо Стојменски“ од некогашните 153.000 евра, сега има долг поголем од 47.000 евра.

Опозициските советници од СДСМ поставија советничко прашање за вкупните долгови на основните и на средните училишта во градот. Покрај за бесплатниот превоз, речиси сите училишта должат за струја и за огрев.

Од Општина Штип велат дека заостанатиот долг полека ќе го враќаат во месечни рати. Во исто време, преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), општините покренаа иницијатива за преиспитување на формулата за пресметка на износите што ги добива секоја општина за превоз.

Градоначалниците на задолжените општини сметаат дека училишните центри, како Штип или Кочани, каде има поголем интерес на учениците, треба да добијат и повеќе пари од Министерството за  образование и наука. За илустрација, Општина Кочани има поголем долг од Штип и изнесува 500.000 евра. До кочанските училишта секојдневно патуваат околу 1.200 ученици од Берово, Делчево, Пробиштип, Пехчево и од Македонска Каменица.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...