fbpx

Автопатот Тетово – Гостивар полн со дупки, ќе се проектира неговата реконструкција во 2022 година

-

Иако се наплаќа патарина, на автопатот Тетово – Гостивар се вози по брановиден и оштетен асфалт, кој е полн со дупки и нерамнини со кои се отежнува движењето на возилата. Делницата долга 22 километри меѓу двата града се нарекува автопат, но на одредени нејзини сегменти се вози со ограничување на брзината до 80 километри на час. Автопатот Тетово – Гостивар е најфреквентниот патен правец во земјава, со просечен годишен дневен сообраќај (ПГДС) од 16.300 возила регистрирани во 2019 година. За да се вози по нереконструираниот автопат, возачите на автомобили плаќаат 60 денари во еден правец. Во изминатиов период, со тие средства единствено се крпеа дупките во асфалтот и се санираше жичаната ограда долж трасата.

Од Јавното претпријатие за државни патишта се запознаени со проблемот и велат дека планирана е реконструкција на овој дел од патниот Коридор 8. Сепак, точни детали за периодот кога ќе отпочне реконструкцијата, како и колку средства ќе бидат потребни за претстојниот зафат, засега не можат да соопштат.

„Во моментот се работи на проектна задача за избор на експерти кои ќе изработат тендерска документација за проектирање на реконструкција со проширување на автопатот Тетово – Гостивар“, велат за „Мета.мк“ од ЈП за државни патишта.

Автопатот е полн со дупки и брановиден асфалт

Средствата за изработка на проектната документација во висина од 2 милиони евра е планирано да се обезбедат преку ИПА 3 фондовите на ЕУ. Покрај санацијата на постојниот коловоз, автопатот Тетово – Гостивар со претстојниот зафат ќе треба да се прошири со изведба на помошна лента за застанување во двата правци. Проектирањето на реконструкцијата и проширувањето се очекува да започне на почетокот од 2022 година.

„За реконструкција со проширување на делницата најпрво треба да се изработи проектна документација, врз основа на која ќе се избере соодветно техничко решение, од кое ќе зависи времето на реализација и потребните средства за градежни работи“, објаснуваат од ЈП за државни патишта.

Трасата меѓу Тетово и Гостивар беше првата автопатска делница од Коридорот 8 што се изгради на македонска територија. Делницата долга 22 километри се градеше со заем од Светската банка, а овој автопат беше пуштен во употреба во октомври 1996 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...