Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ пушти во употреба три нови погони, а инвестицијата изнесува 2,5 милиони евра, соопштија од компанијата.
Од таму велат дека, новите производни одделенија, се простираат на површина од 1.000 метри квадратни, а при изведбата на сите овие проекти, имплементирани се најсовремените стандарди за добра производна пракса (GMP).
– Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции – изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов по повод официјалното пуштање во употреба на новите инвестициски проекти.