Промовирана нова странска инвестиција, млади ќе работат за над 1.000 евра месечна плата

Компанијата има своја мрежа во Европа, Јужна Америка, Австралија, Сингапур, Шри Ланка, Малезија, Нов Зеланд и има 7.600 вработени ширум светот

Фото: ТИРЗ

Мултинационалната водечка компанија за аутсорсинг услуги „ЕМАПТА“ ќе отвори деловен простор од 6.000 метри квадратни во технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ), а раководството на компанјата планира да вработи 850 млади луѓе во наредните пет години, информираат од ТИРЗ. Денеска оваа странска инвестиција ја промовираше директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски заедно со премиерот Димитар Ковачевски. Тие кажаа дека месечната нето плата ќе изнесува повеќе од 1.000 евра.

Компанијата има своја мрежа во Европа, Јужна Америка, Австралија, Сингапур, Шри Ланка, Малезија, Нов Зеланд и има 7.600 вработени ширум светот.

Директорот Деспотовски нагласи дека со оваа инвестиција во пракса се покажува грижа за младите.

„Ја отвораме годината исто како минатата, со најава на нова странска инвестиција. Компанијата „ЕМАПТА“ отвора можност за вработување на над 850 млади луѓе од Македонија кои ќе бидат тука, ќе заработуваат добри плати и своето семејство и иднина ќе ги планираат овде, а притоа ќе работат за глобални компании. Тоа е моделот и концептот со кој започнуваме годинава“, рече директорот.

Тој кажа дека компанијата ќе добие поддршка од државата преку грант за креирање на нови работни места, во износ од 3.250 евра по работно место, под услов, платата која ќе се исплаќа на овие млади луѓе да биде 50 отсто над државниот просек.

„Ова значи дека компанијата ќе добие средства од државата за секоја нето плата којашто ќе биде повисока од 1.000 евра месечно. Ова е еден од начините како поттикнуваме засилување на раст на платите“, појасни Деспотовски.

На промоцијата на новата инвестиција присуствувале и млади кои веќе работат во компанијата. Виктор Нанковски (23) е информатичар кој од неодамна работи во компанијата. Тој кажа дека студирал информатика во Словенија, по што се вратил и барал можност да работи за странска фирма, но од земјава.

„Оваа компанија беше совршена можност за тоа и моментално сум навистина задоволен, посебно затоа што гледам и можности за напредок“, рече Нанковски.