fbpx

Академските средби, нов импулс за соработка меѓу младите од Македонија и од Грција

-

Почестите академски и културни посети, дијалогот меѓу академици, студенти, музичари и уметници се еден од ефективните начини да се стопи „мразот“ меѓу македонската и грчката страна поради политичкиот спор. Ваков е впечатокот што се добива по посетата на македонски студенти и професори на Солун, на Универзитетот „Аристотел“ и по прошетката низ поголемите музеи. Посетата им овозможи на младите од Македонија да излезат од шаблонот на вообичаените куси еднодневни посети на градот и овозможи да се слушне, доживее и да се научи дел од историската и современата култура, традиција и начин на живот во градот.

Оваа посета отвори ново поглавје и даде позитивен импулс за подобро запознавање меѓу академските заедници на двете страни, неопходен за подобро разбирање и за соработка. Впечатоците и на студентите и на професорите што го посетија Солун се позитивни. Ваквите средби ги оценуваат како чекор напред, можност подобро да ја запознаат грчката култура и мисла, да склопат нови пријателства и соработки и начин и нивните грчки колеги подобро да ги запознаат и да ги разберат и нивните идеи.

Кристина Илиевска, студент на Правниот факултет во Скопје, која беше дел од стотината студенти, вели дека посетата покажува дека е отворен патот за соработка и за дружба меѓу македонските и грчките студенти, имајќи предвид дека студентите се движечка сила на општествата.

– Задоволна сум од посетата и од обиколката на музеите и на културните обележја на Солун. Ни помогнаа и мене, а верувам и на моите колеги за да видиме како, всушност, размислуваат Грците како нација и колку можеме ние да се потрудиме да ги разбереме нив. Сметам дека може да има соработка и дружба меѓу самите студенти на грчките факултети и на македонските факултети со оглед на тоа што ние сме најголемата движечка сила на светот и на овој регион – вели Илиевска.

Професорот Владимир Мартиновски од Катедрата за општа и компаративна книжевност при Универзитетот „Кирил и Методиј“ изрази задоволство од оваа иницијатива со која на македонските студенти и професори им е овозможено да се запознаат со грчки колеги и да се обидат да се продлабочи и да се развие академската соработка.

– Многу сум задоволен што воспоставивме комуникација, која, се надевам, ќе има свој развој, особено во сферата на идната академска соработка. Особено се радувам што студентите имаа можност да запознаат свои колеги, да дискутираме за можни начини на идна соработки, а и да посетат неколку музеи во Солун, како Археолошкиот, Византискиот… – истакна Мартиновски.

„Секоја средба нешто раѓа, нов почеток и можност“, истакна професорот на Факултетот за ликовна уметност, Антони Мазневски, кој забележа дека за студентите од овој факултет особено интересна и корисна беше посетата на изложбата на дела од руската авангарда во Музејот на современа уметност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...