Аерозагадување во лето: Пустински ветер донесе прашина во Лазарополе, во Скопје црн чад над Ново Лисиче

Фото: Бојан Блажевски

Топла воздушна маса која носи прашина може да е причината за зголемените вредности на ПМ-10 честичките регистрирани во изминатите два дена, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Пустинскиот ветер, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, може да потрае и во наредните денови. Сепак, информираат од Министерството, деновиве активен ќе биде и Државниот инспекторат за животна средина кој ќе проверува и други можни извори на загадување.

Среднодневните концентрации на ПМ-10 честичките деновиве беа надминати на речиси сите мерни места во земјата, освен во Гевгелија. Реагираа и граѓаните и еколошките организации кои побараа одговори од Министерството и другите надлежни органи.

„Воздухот е исклучително лош за првиот ден на летото. Вредности над 50 µg/m3 за ПМ-10 на голем број станици, вклучително и Лазарополе. Според СЗО просекот на ПМ-2.5 годишно не смее да надмине 10 μg/m3, со 24-часовен просек не поголем од 25 μg/m3. Годишниот просек за ПМ-10 не смее да надмине 20 μg/m3, со 24-часовен просек не поголем од 50 μg/m3, но само 3 дена во годината. Тоа значи дека летните вредности за ПМ-10 не треба да ни се над 20 μg/m3, а за ПМ-2.5 не повеќе од 10 μg/m3. Само за воздухот во Гевгелија може да кажеме дека се движи во овие граници“, пишуваат од „О2 Иницијатива“.

Особено изненадување беше загадувањето во Лазарополе, каде концентрациите на ПМ-10 се ниски дури и во зимскиот период, а сега беа измерени 81 микрограми на кубен метар ПМ-10. Во Гостивар загадувањето беше најголемо со измерени 92 микрограми ПМ-10, во Кавадарци 77, Тетово и Битола беа 74, во Кичево 73, а во Велес 72 микрограми.

Фото: О2 Иницијатива

Во Скопје, во Карпош се измерени 62 микрограми на кубен метар, во Центар 68, Ректорат 59, во Миладиновци 54 микрограми на кубен метар ПМ-10. Екологистите деновиве зачестено постираат фотографии на кои се гледа црн чад како се издига над населбата Ново Лисиче во Скопје. Загадувањето, пишуваат тие, се случува во континуитет и веројатно доаѓа од депонијата Вардариште или од дивите населби покрај Вардар, а револтирани се што досега надлежните не преземаат ништо да ја спречат оваа појава.

Од Министерството, пак, велат дека на две мерни места имало и проблем со функционалноста на мониторинг станиците.

„Високата вредност на ПМ-10 суспендираните честички на мерните места Ректорат и Миладиновци е резултат на прекин на напојување со електрична енергија. Во тој случај настанува прекин во мерењата на сите параметри за квалитет на воздух вклучувајќи ги и мерењата на концентрацијата на ПМ-10 честичките. Откако ќе дојде електрична енергија мерните инструменти се рестартираат, а појавените високи вредности на измерени концентрации на суспендираните ПМ честички се случуваат поради процесот на стабилизација на инструментот по неговото повторно ставање во функција и се невалидни“, посочуваат од Министерството.