Во Градскиот Парк во Скопје денеска се одржа вежбата „Хуманитарен одговор 2023“, чија цел беше да ги претстави капацитетите, можностите и подготвеноста на Црвениот крст. На настанот присуствуваа министри во Владата, директори на институции и градоначалници.
Симулациската вежба по прва помош во итна ситуација – земјотрес, се организира по повод одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и како резултат на зачестените катастрофи во земјата и регионот.
Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето истакна дека ова вежба ги покажала сите позитивни страни од партнерството меѓу државните институции и граѓанските организации, како и интерсекторската поврзаност и меѓуинституционалната соработка.
„Токму со настани како денешниот се отвора простор за унапредување на координацијата и на комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент“, посочи Пендаровски.