fbpx

Во Израел се таложи гневот против премиерот Нетанјаху – се ближи ли крајот на неговото владеење?

Воените стратези велат дека војната во Газа, чија зацртана цел е уништување на Хамас, би можела да трае со месеци. Нетанјаху во тој период би можел да ужива во политичко примирје

-

На еден израелски министер не му било дозволено да влезе во болница на влезот за посетители. Телохранителот на друг министер бил плиснат со кафе од страна на еден ожалостен маж. Трет министер, односно министерка, била нарекувана „предавничка“ и „имбецил“ кога пристигнала да ги теши семејствата евакуирани од ужасот, пишува новинската агенција „Ројтерс“.

Шокот од масакрите извршени од Хамас на 7 октомври ги сплоти Израелците. Но, за владата на Нетанјаху не се покажуваат симпатии – ја обвинуваат дека „го спуштила гардот“ и ја фрлила земјата во војната во Газа што го растресе регионот.

Што и да се случува, извесно е дека на премиерот Бенјамин Нетанјаху „му се плете свилен гајтан“, по рекордно долга кариера на политички „повратник“.

Гневот на јавноста поради околу 1.300 загинати Израелци дополнително се засилува од, карактеристичното за Нетанјаху, самопрогласување за черчилијански стратег што ги предвидел заканите по националната безбедност.

Дополнителна позадина на ситуацијата е поларизираноста на општеството годинава, поради обидот за правосудна реформа од страна на религиозно-националистичката владина коалиција, што предизвика протести на некои воени резервисти и предизвика сомнежи – сега излеани како крв, велат некои, за борбената готовност.

Дебаклот во октомври 2023 година

„Дебаклот во октомври 2023“, гласи наслов во најтиражниот дневен весник „Једиот Ахронот“, во стил што треба да потсети на неуспехот на Израел да ја предвиди заедничката офанзива врз Израел извршена од Египет и Сирија во октомври 1973, што доведе до тоа тогашната премиерка Голда Меир да си даде оставка.

Амоц Аса-ел, истражувач на институтот „Шалом Хартман“ во Ерусалим, им предвидува слична судбина на Нетанјаху и неговата „долготрајна“ конзервативна партија Ликуд.

„Нема значење дали ќе се формира истражна комисија или не, или пак, дали ќе прифати вина или не. Сѐ што е важно е што „средностатистичките“ Израелци мислат, односно дека ова е фијаско и дека премиерот е одговорен. Ќе си замине, и целиот негов естаблишмент заедно со него“, вели Аса-ел за Ројтерс.

Анкета објавена во весникот „Маарив“ покажа дека 21 отсто од Израелците сакаат Нетанјаху да остане на премиерската функција по војната. Дури 66 отсто одговориле „друг премиер“, а 13 отсто немале став. Кога избори би се одржале сега, утврдува анкетата, Ликуд ќе загуби третина од сегашните пратеници, додека центристичката Партија на национално единство на неговиот главен ривал Бени Ганц ќе „порасне“ за третина, со што Ганц е личноста што би го предводел новиот кабинет.

Израел формираше Вонреден воен владин кабинет

Но Израелците не сакаат избори. Тие бараат акција, и додека контраофанзивата прераснува во потенцијална копнена инвазија, Ганц, поранешен воен заповедник, ги турна настрана политички недоразбирања и му се приклучи на Нетанјаху во Вонредната влада.

Зафатен со највисоките воени заповедници и странски емисари, Нетанјаху ги ограничи своите средби со народот. Се сретна со роднините на околу 200 заложници што се однесени во Газа, но не пред телевизиски камери. Додека се распламтуваат критиките, неговата сопруга посети едно ожалостено семејство.

Нетанјаху уште не дал изјава за сопствената одговорност – иако и највисокиот генерал, министерот за одбрана, советникот за национална безбедност, министерот за надворешни работи, министерот за финансии и првиот човек на разузнавањето, признаа неуспех во предвидувањето и спречувањето на најголемиот напад врз цивили во историјата на Израел.

Израел придоби гласна поддршка од Западот за својата контраофанзива. Но тоа може да се стиши ако копнената инвазија се заглави поради растот на бројката на загинати Палестинци и на воените загуби.

Воените стратези велат дека војната во Газа, чија зацртана цел е уништување на Хамас, би можела да трае со месеци. Нетанјаху во тој период би можел да ужива во политичко примирје, вели Аса-ел. Но дали здравјето на премиерот ќе го издржи тоа е друго прашање. Во јули, кога зовриваа протестите за правосудството, тој доби пејсмејкер. А в сабота ќе наполни 74 години, завршува Ројтерс.

ИзворРојтерс

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...