fbpx

ДЕБАТА: Државното финансирање на медиуми да не се повтори, лошо влијае на новинарството

На денешниот настан „Отворени прашања за изборното рекламирање со државни средства“ што го организираше Институт за демократија се дискутираше за ризиците од корупција кои се поврзани со државното рекламирање како и платеното политичко рекламирање

-

Државното финансирање на медиумите во минатото придонело за нагло влошување на квалитетот на новинарството, бидејќи клинтелизмот на тој начин најотворено влегува во односот меѓу државата и медиумите. Ова беше потенцирано на денешниот настан „Отворени прашања за изборното рекламирање со државни средства“ што го организираше Институт за демократија денеска во хотелот Панорамика во Скопје.

На настанот се дискутираше за ризиците од корупција кои се поврзани со државното рекламирање како и платеното политичко рекламирање. Дискусијата се осврна врз слабостите во регулативата кои се потенцијален ризик за злоупотреба и корупција.

Настанот го отвори Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија кој истакна дека преку поранешното искуство покажа дека со медиумскиот клиентелизам се задржува наративот и оние кои што ги контролираа медиумите можат да го контролираат наративот во општеството и начинот на кој што се дебатираат општествените проблеми.

„Пристапот до медиумите, всушност едно многу силно оружје во рацете во оние кои што имаат моќ врз медиумите да одржуваат некаква контрола. Ако тоа е власта – партијата на власт која што го контролира, овозможува одржување на власт. Токму заради тоа функционалниот плурализам во медиумите е значаен инструмент за демократизација на општеството и разлабавување на тие стеги кои што можат да се појават доколку оние кои што имаат контрола врз медиумите ја користат таа за да остварат свои приватни интереси“, изјави Миша Поповиќ.

Своја излагање дадоа Жарко Настоски, новинар и Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Настоски потенцираше дека државното финансирање на медиумите придонесе за нагло влошување на квалитетот на новинарството, бидејќи клинтелизмот на тој начин најотворено влегува во односот меѓу државата и медиумите.

„Можноста да ги доделувате државните пари на одредени телевизии, веднаш во себе крие потенцијал за злоупотреби. Тоа кај нас сме го виделе на дело, како функционира. Милиони евра од даночните обврзници се истурија во тие неколку телевизии, неколку медиуми во времето на Груевски. Знаеме како функционираше тоа и во што се претворија тие медиуми. Како што растеа сумите кои што им се префрлаа, така и се понепрофесионални, попристрасни и понеобјективни стануваа медиумите“, рече Настоски.

Со законските одредби платеното политичкото рекламирање се финансира од буџетот, а Агенцијата е должна да ја следи секоја секунда, истакна Трајчевски.

„Агенцијата ја губи основната функција наместо да прави анализа како известуваат медиумите за политичките кампањи, ние се претвораме во стоперица на мерење на секунди. Бидејќи ако направиме грешка и исплатиме повеќе пари, прстот ќе биде насочен кон нас“, додаде Трајчевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(РЕПОРТАЖА) Надежите на СДСМ испарија во сауната на ВМРО-ДПМНЕ

„Овде е стравотно топло, како во сауна е“, рече професорката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи марамче да се избрише, пред да ја прогласи победата...