Усвоени итни владини мерки за рехабилитација на природното и културно наследство на Охридскиот регион

Има повеќе укажувања до Управата за заштита на културното наследство, меѓу кои, да достави насоки до надлежната установа – НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, со што ќе ги дефинира (ограничи) можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид

Фото: Архива на Мета.мк

Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од преземање на итни мерки за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Владините заклучоци се донесени по посочувањето од предлагачот, Министерството за култура, на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО, потенцирани од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО.

Во владините заклучоци, се задолжува Министерство за животна средина да донесе Одлука со која ќе ја задолжи ЈНУ – Хидробиолошки завод – Охрид да изработи приоритетна листа на клучни живеалишта од национално и европско значење и листа на статус на видови според IUCN класификација на загрозени приоритени видови на риби, безрбетници и алги во Охридско Езеро.

Има и повеќе укажувања до Управата за заштита на културното наследство, меѓу кои, да достави насоки до надлежната установа – НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, со што ќе ги дефинира (ограничи) можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид, имајќи предвид дека членот 59-ѕ од Законот за градење не е правен основ за доградби, надградби и реконструкции во старото градско јадро на Охрид.

Понатаму, се задолжува Министерството за транспорт и врски, а се укажува на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, во прецирани рокови, секој во рамките на своите надлежности, да почнат со отстранување на бесправно изградените објекти за коишто се издадени правосилни решенија за отстранување и за коишто се обезбедени финансиски средства за отстранувањето.

Исто така, задолжено е Министерството за транспорт и врски, во соработка со Капетанијата на пристаништата – Охрид, да формира Работна група за изработка на анализа на пловила во Охридското Езеро со пресметка и на капацитетот на носивост на пловила во Охридското Езеро.

Задолжено е Министерството за култура, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство да изработи Нацрт-верзија на Предлогот на законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.