fbpx

Скопскиoт аквадукт – заборавено наследство затрупано со отпад

И покрај неговата огромна вредност, првото на што помислувате кога ќе го посетите Аквадуктот е - „ова е заборавена историја“, а тулите што паѓаат од сводовите, ѓубрето и неодржувањето, го докажуваат токму тоа

-

Душеци од кревети, теписи, автомобилски гуми, завеси, градежен шут, искршени плочки, пластични пишиња. На ваква слика ќе наидете ако појдете да го посетите Скопскиот аквадукт близу Визбегово, покрај булеварот „Словенија“. Газите по искршени стакла додека се обидувате да стасате до овој историски објект од VI век, за кој во меѓувреме имаше многу ветувања дека ќе добие соодветна грижа од надлежните, за да се зачува од распад.

Градежен шут, искршени стакла, пластични предмети, душеци, стиропор пред Аквадуктот, еден од последните на Балканот кој е зачуван во целост. Фото: Мета.мк

Кога конечно стасувате до објектот, пред вас се исправаат разрушени арки, делови столбови кои се во распаѓање, паднати тули на земја и сето тоа обраснато во трева и грмушки. И покрај неговата огромна вредност, првото на што помислувате е „ова е заборавена историја“, а оштетените негови делови, ѓубрето и неодржувањето, го кажуваат токму тоа.

Фрлени теписи и завеси до историскиот споменик. Фото: Мета.мк

Првиот впечаток е дека речиси воопшто не е променета сликата за ова важно наследство, кое им пркосеше на различните непогоди низ годините и кој е еден од последните аквадукти на Балканот кои се зачувани во целост.

Сепак, по низата ветувања за грижа и чување низ годиниве, во 2021 година беше најавена првата фаза од конзервацијата и реставрацијата на Скопскиот аквадукт. Па така, она што може да се забележи на терен, реставрирани се четири од вкупно 54 сводови и столбови.

Од 54 сводови, реставрирани се четири. Фото: Мета.мк

Близу нив, поставена е метална, оштетена табла, на која пишува дека за реставрацијата инвеститор е Националната установа конзерваторски центар – Скопје, а е финансирана од Министерството за култура.

Фото: Мета.мк

Што се прави во моментов за да се зачува ова културно наследство? Од она што е објавено на веб-страницата на Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, оттаму последен пат информирале на темава на 4 јануари 2023 година. Претходна објава за Аквадуктот, имало на 12 декември 2022 година во која пишува:

„Капиталниот проект „Аквадукт” во Скопје, започна да се изработува во 2019 година, првично со изработка на план за работа, изработка на идеен проект, изработка на архитектонски и градежен проект и изработен елаборат за ревалоризација сето тоа завршено до 2021 година, при што по поминатите стручни контроли од надлежните институции и спроведување на останати активности во истата кон крајот на 2021 се почна и со реализација на проектот“.

Активности за реставрација од 2022 година. Фото: Конзерваторски центар – Скопје

Од она, пак, што може да се види на веб-страницата за електронски набавки, досега се направени две јавни набавки за реставрација на Аквадуктот. Едниот договор е склучен меѓу Конзерваторскиот центар и фирмата-изведувач „Турбоинженеринг“, која била најповолен понудувач со околу 5,4 милиони денари. Вториот договор е направен лани во февруари, со истата фирма инвеститор, која била најповолен понудувач со околу 3,9 милиони денари.

За тоа до каде е процесот на реставрација на Аквадуктот, кој во 2021 година беше прогласен за споменик од највисок степен на заштита, се обративме во Министерството за култура. Истото го побаравме и од Конзерваторскиот центар. Но, одговори од овие две институции не добивме.

Дали постои некаква иницијатива и од градските власти за обнова на ова значајно обележје, прашавме и во Град Скопје. Оттаму велат дека не смеат да преземаат активности за реставрација додека не добијат одобрение од министерството и од Конзерваторскиот центар.

„Согласно одлуката за прогласување на споменикот Аквадукт за културно наследство од посебно значење, со споменикот управува градот Скопје. Ние усвојуваме План за управување со споменикот, а по остварен контакт со претставници од Министерството за култура и Национална установа Конзерваторски центар, добиени се информации дека Град Скопје не смее да превземе било какви активности поврзани со Аквадуктот без да добие одобрение. На 4 април лани испративме допис со иницијатива за започнување со уредување на Аквадуктот, но до овој момент немаме добиено одговор“, велат оттаму, потенцирајќи дека ако го добијат потребното одобрение, подготвени се веднаш да започнат со ревитализација на овој локалитет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...