Фото: Министерство за култура

Еден од главните симболи на македонскиот главен град – Скопскиот аквадукт од денеска влезе во процес на конзервација и реставрација. Министерката за култура Ирена Стефоска, придружувана од директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов и директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје Коле Чапкановски, денеска ја презентираа реализацијата на првата фаза од овој проект, информираат од Министерството за култура.

„Скопскиот аквадукт е еден од последните на Балканот кој е зачуван во целост. За жал, не можеме да се пофалиме дека е тоа по наша заслуга. Затоа го нареков ремек-дело на старите градители коешто им пркосело на вековите, на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме“, рече министерката за култура, Ирена Стефоска на денешната работна посета на локалитетот кај Скопскиот аквадукт.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов на денешната прес-конференција посочи дека станува збор за обемна и скапа работа и веројатно ќе изискува подолг период.

„Сега ја почнуваме работата од нулта позиција, а тоа е овде на лице место првин да се зачува физичката состојба на Аквадуктот. Драго ми е што ќе отпочнат работите и се надевам на добра и успешна завршница“, додаде Костов.

Како што рече тој, ќе се работи на повеќе сегменти на Аквадуктот, ќе бидат инволвирани повеќе стручни лица од различни области, архитекти, конзерватори, историчари и останати.

„Се надевам дека ова ќе биде почеток на еден план каде Аквадуктот ќе добие соодветно место за Скопје и за сите туристи и останати граѓани во државата. Се надевам дека ќе се вклучат и останатите фели, ова ќе биде еден простор многу убав за различни манифестации, за младите, за културата, спорот и останатите“, посочи Костов.

Според директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, оваа година е многу значајна во делот на заштита на нашето наследство.

„Најпрвин се почнува со активности околу каналот, односно водите што некогаш овде биле во изобилие, ќе ги насочуваме кон другиот канал. Следна постапка е зајакнување на столбовите. Тука сме да го зачуваме ова дело, да има еден бенфит за самата наша држава во сите погледи“, рече директорот Чапкановски на денешната прес-конференција

Инаку, Владата неодамна донесе одлука за прогласување на Аквадуктот за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, поради тоа што овој величествен споменик поседува вредности, не само од големо национално значење, туку тој му припаѓа и на човештвото. Со тоа Скопскиот аквадукт го доби највисокиот акт на заштита, што овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла.