fbpx

Ветувања, кампањи, програми, билборди – седумтемина претседателски кандидати ја почнаа кампањата

Седумтемина кандидати ги презентираат програмите, отвораат изборни штабови, делат ветувања. Најголемиот дел од нив ја потенцираат европската иднина на земјава и ветуваат дека ќе водат чесна кампања. Дел од кандидатите денеска заминаа во други градови од каде ја почнаа кампањата

-

Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Максим Димитриевски, Билјана Ванковска, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи и Арбен Таравари ја започнаа претседателската кампања за изборите кои ќе се одржат на 24 април.

Седумтемина кандидати ги презентираат програмите, отвораат изборни штабови, делат ветувања. Најголемиот дел од нив ја потенцираат европската иднина на земјава и ветуваат дека ќе водат чесна кампања. Дел од кандидатите денеска заминаа во други градови од каде ја почнаа кампањата.

Претседателот Стево Пендаровски кој се бори за втор мандат, денеска го промовираше централниот изборен штаб во Скопје, а вечерва го започнува својот изборен караван од Прилеп.

Фото: Изборен штаб на Стево Пендаровски

„Очекувам дека во првиот круг, бидејќи има многу кандидати како никогаш досега во македонската историја, гласовите да се поделат на неколку страни и не очекувам дека има некој било каква шанса да добие во првиот круг, меѓутоа во вториот круг очекувам да влезам и да ги добијам изборите“, рече Пендаровски на денешното отворање на неговиот изборен штаб во центарот на Скопје.

Тој на првиот ден од кампањата за избор на претседател, најави дека до крајот на првиот круг, планирано е да посети 65 населени места во сите изборни единици и во сите општини во Македонија.

По примерот на американските политичари, Бујар Османи, пак, најави дека кампањата ќе ја води од автобус со кој ќе ја обиколи државата. Како што рече, караванот му тргнува со симболиката на бројот 4, на четвртиот ден од четвртиот месец, 2024 година, на 4 годишнината од влезот на Македонија во НАТО, кој е и ден на основањето на Алијансата.

Денес од 20 часот пред Владата, пак, ќе започне кампањата на Силјановска Давкова.

„Официјално ќе започне битката против оваа однародена и криминална власт“, вели Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 6.

Фото: Официјален профил на Фејсбук на Гордана Силјановска Давкова

„И како и во секоја битка најбитен е почетниот удар, а тој ќе се случи вечерва заедно со сите нас“, додаде таа.

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска денеска порача дека останува на ветувањето дека ќе биде единствена меѓу седумтемина претседателски кандидати која ќе се разликува по она што го нуди, по начинот на кој тоа ќе го презентира и аргументите кои ќе ги приложи.

„На оваа кампања ќе се претставиме скромно, согласно своите можности, онака скромно каков што е скромен и нашиот народ – сиромашен, напатен, обичен, тој не сака билборди“, изјави Ванковска.

Претседателот на Алијансата за Албанците и кандидат за претседател на коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, вчера ја презентираше Претседателската платформа која се заснова на четири столба – Северна Македонија интегрирана во регионот и Европа, Северна Македонија производител на безбедност, правната држава и консензуалната демократија.

Фото: Изборен штаб на Арбен Таравари

Доколку биде избран за претседател, Таравари најави избор на претседател на државата во Собранието со двојно гласање, бришење на 20-те проценти од Уставот, официјализирање на албанскиот јазик на исто ниво со македонскиот јазик и затворање на медиумите финансирани од Русија.

Претседателскиот кандидат Стевче Јакимовски својата претседателска кампања ја почна од Тетово, каде што оствари средба со граѓаните.

„Им благодарам на тетовци за срдечниот пречек и навистина ми е чест што претседателската трка ја почнувам во Тетово. Огромната поддршка е доказ дека на граѓаните им е преку глава од црно-белиот свет на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тетовци бараат промени“, рече Јакимовски.

Максим Димитриевски, пак, со програмата насловена „Манифест за Македонија“ ќе ја бара поддршката и довербата од граѓаните. Денеска во Крушево тој го промовираше и слоганот на неговата кампања, Максимум за Македонија.

Фото: Официјален профил на Фејсбук на Максим Димитриевски

„Не случајно почетокот на мојата кампања за Претседател на Македонија почнува од Крушево, кој како град има исклучително историско значење за нас како народ и држава. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е формирано и почива токму на темелите на Крушевската Република и АСНОМ. Затоа Програмата со која што ќе настапам ја нарековме Манифест за Македонија, како континуитет на Крушевскиот Манифест”, рече Димитриевски.

Според ждребувањето на Државната изборна комисија (ДИК), Пендаровски ќе биде прв на гласачкото ливче на претседателските избори на 24 април. Втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, трет Стевчо Јакимовски од ГРОМ. На четвртото место е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафах ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...