По пожарите летово, сушниот период ги сведе на минимум водостоите на реките и езерата

Испразнетото Мавровско езеро поради сушниот период кон средината на септември; Фото: Бојан Блажевски

Водостоите на реките и езерата се сведени на минимум, како резултат на сушниот период што ја зафати земјава во изминатиов период. Со исклучок на реката Вардар кај Демир Капија и реката Струмица кај Сушево, на останатите 17 локации низ земјава на кои се врши мерењето, водостојот е помал од просекот за септември, покажуваат последните податоци на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од мерењата за 27 септември.

Водата е под просекот и кај природните езера во земјава, а последните податоци од 27 септември велат дека водостојот на Охридското езеро е само 4 сантиметри над дозволениот минимум од 693,10 метри. Просекот на Охридското езеро за септември е 693,33 метри, а нивото на езерските води во моментов е на 693,14 метри. Идентично на ова, водостојот на Преспанското езеро во моментов е 16 сантиметри под апсолутниот минимум од 842,25 метри, како и над 1,6 метри под просекот што треба да го има во септември. Поголемо ниво на езерските води има единствено Дојранското езеро.

На минимум е сведено и нивото на езерските води во вештачките езера во земјава, а „Мета.мк“ изработи и фотографии од нискиот водостој на Мавровското езеро:

Ниското ниво на водите на Мавровското езеро кон средината на септември; Фото: Бојан Блажевски

Сушниот период не го погодува единствено водостојот на реките и езерата, туку исклучително негативно влијае и на земјоделството. Агрометеоролошката прогноза на УХМР за периодот по 24 септември е многу слична како и на претходните недели – уште една недела продолжение на сушата, без нови врнежи.

Од УХМР во агрометеоролошката прогноза наведуваат дека врнежите од дожд што ќе следат во претстојниве денови ќе бидат со количества кои нема да го решат проблемот, односно сушата ќе продолжи и во наредниот период, но со послаб интензитет.

Инаку, зачестеноста на долготрајните сушни периоди, кои се пропратени со краткотрајни екстремни бури со големи количества врнежи, се и последица на климатските промени со кои се соочува нашата земја. Податоците на УХМР за земјава покажуваат дека просечните количества на врнежи на годишно ниво драстично флуктиураат од година во година. Исто така, постојат месеци во кои цели региони воопшто немаат врнежи, по кои следуваат краткотрајни периоди во кои паѓаат големи количества на врнежи што се еквивалентни на целокупниот месечен просек за тој регион.

Во последниве 20-тина години, карактеристично е што се забележува тренд на намалување на бројот на денови со појава на врнежи, но има зголемување на интензитетот на врнежи, беше одговорот што го добивме од УХМР изминатово лето за климатските карактеристики во Македонија во текот на изминативе години.

„Мета.мк“ веќе имаше серија на написи за тоа дека емисиите на стакленички гасови од енергетското производство од фосилни горива, нееколошкиот транспорт, индустриското производство без филтри, шумските пожари и стихијното управување со отпадот и депониите се првенствени причинители на климатските промени.

Во 2020 година за земјава беше изработен Извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани, во којшто беше опфатена анализа за три временски периоди: блиска иднина (период 2016-2035 година), средина на векот (период 2036-2065 година) и крај на векот (период 2081-2100 година). Притоа, за секој од нив се изготвени три различни сценарија за емисиите на стакленички гасови: ниско, средно и високо.

Сепак, од УХМР наведуваат дека сите идни сценарија предвидуваат зголемена просечна температура на воздухот, но она што луѓето најповеќе ќе го почувствуваат е зголемената честина и интензитет на екстремните временски појави.

„Количествата на дневните максимални врнежи се очекува да се зголемат споредено со периодот 1986-2005 година, на најголемиот дел од територијата. Во блиска иднина зголемувањето се проценува за околу 5 отсто, а за средината на векот во северниот и западниот дел преку 10 отсто. За крајот на векот кај ниското и кај средното сценарио промената се очекува да биде иста. Кај високото сценарио, за крајот на векот зголемувањето во некои делови е малку повисоко и изнесува околу 20 отсто“, се наведува во одговорот од УХМР, додавајќи дека веројатноста за зголемување на екстремните врнежи е присутна дури и кога се предвидува дека ќе се намалат просечните суми на врнежи во текот на наредните години.

Какви мерки да се преземат?

Во однос на тоа што треба земјава да преземе за да го осигура задоволувањето на сите потреби за вода на општеството и биодиверзитетот, Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии, кој е координатор на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ за „Мета.мк“ вели дека треба да се ограничи користењето на питка вода за пиење за полевање јавни површини, наводнување земјоделско земјиште и за тешката индустрија, а не треба да се дозволува неконтролирано црпење води во услови кога водостојот на реките и езерата е алармантно низок. За огромните загуби на вода за пиење во водоводните системи, „Мета.мк“ веќе пишуваше на темава.

„Приватните корпорации, пак, треба да се демотивираат да ја искористуваат слатката вода за производство на електрична енергија со драстично зголемување на концесискиот надоместок, а за да се заштити јавниот интерес. Освен еднократен надоместок за доделување на концесијата, тие треба да плаќаат и годишен надоместок од 20 отсто од продадената електрична енергија“, посочува тој.

Дејан Андонов додава дека треба да се спречат и злоупотребите при користењето на водата за наводнување, вклучувајќи го и копањето и непријавувањето бунари за наводнување земјоделски површини. Во Македонија не постојат точни податоци колку бунари постојат и на која мрежа ѝ припаѓаат, а сето ова значи искористување на водниот потенцијал со кој располага земјава.

„Дневното користење вода од бунар е ограничено до 10 метри кубни, но на терен тоа често не се почитува. Затоа секое црпење вода треба да се регулира со дозвола и корисникот да има обврска да мери и да известува колку вода користи“, објаснуваат од „Разбистри сè“.

Андонов додава дека земјава ќе мора да го подобри постојниот мониторинг на квалитетот и квантитетот на водите, кој во моментов е несоодветен за да се даде реална слика за состојбата со водните ресурси во земјава.

„Во Секторот за хидрологија при УХМР денес има само 12 вработени. Заради нискиот надомест не може да се пронајдат ниту нови набљудувачи“, вели Андонов, додавајќи дека мерната станица во Асамати на Преспанското езеро речиси 20 години не работи поради недостаток на човечки ресурси.

Од „Разбистри сè“ објаснуваат дека Владата треба да одвои соодветен и редовен буџет за санација и одржување на хидролошката мониторинг-мрежа и за воспоставување и одржување на државна мониторинг-мрежа на водите. На овој начин, би се добиле реални податоци за статусот на водните тела, што е од голема корист од аспект на спроведување на политики и мерки за управување, користење и заштита на водите.