Рестрикции на вода за пиење во некои општини, рушиме европски рекорди во загуби на вода [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Рестрикции на вода за пиење во траење од неколку часа во цели населени места и незадоволство од граѓаните, како и апели од јавните комунални претпријатија за рационално користење на водата за пиење. Ова е сликата во делот на водоснабдувањето низ дел од македонските општини во изминативе недели на високи температури и сушно време.

Клучната причина за проблемите со водоснабдувањето во одредени населени места е токму неприходуваната вода во водоводните системи, односно процентот на загуби на вода за пиење, којшто лани на национално ниво во земјава изнесувал огромни 61,94 проценти од вкупното количество на произведена вода за пиење. И покрај тоа што процентот на неприходувана вода постепено се намалува во изминативе години, Македонија во споредба со земјите-членки на ЕУ е “шампион” во делот на загуби на вода.

Според податоците на програмата на ЕУ ИНТЕРРЕГ – Централна Европа, соседна Бугарија со 60 отсто неприходувана вода има најголеми загуби на вода за пиење меѓу земјите-членки на ЕУ. По неа, следува Романија и Ирска, а од земјите од регионов, во Хрватска неприходуваната вода за пиење изнесува 40 отсто, додека во Словенија околу 30 проценти.

Статистичките податоци покажуваат дека Унгарија имала загуби на вода за пиење од 20 отсто, а приближно идентичен процент на нефактурирана вода од водоводните системи имаат и останатите земји од Централна Европа.

Од друга страна, последните податоци за Данска, за 2016 година, покажуваат дека загубите на вода за пиење изнесуваат 7,6 отсто, но и дека во сиот изминат период од минатава деценија количеството на изгубена вода било под 10 отсто. Најмал процент на неприходувана вода имала Германија, која во 2017 година имала вкалкулирани загуби од само 5,3 отсто, а и таа како Данска во изминатата деценија има под 10 отсто нефактурирана вода во водоводните системи.

Инаку, процентот на неприходувана вода во водоводните системи се мери според дотраената водоводна мрежа (цевки и друга инфраструктура) низ кои се губи водата, недоволната контрола на дивите приклучоци, непоставените мерачи за потрошена вода кај дел од корисниците или неточните мерења, како и нефактурираната легална потрошувачка на вода, односно водата што се користи за полевање на јавните површини и за работењето на фонтаните низ општините.

Ваквите драстични разлики во процентот на загуби на вода помеѓу нашата земја и државите-членки на ЕУ допринесуваат и за проблемите со водоснабдувањето во летните месеци. Штом започнаа високите температури во летниов период, во Општина Дебар започнаа рестрикциите на вода за пиење, при што оваа локална самоуправа со години наназад има најголем процент на неприходувана вода во земјава. Рестрикции на вода за пиење изминативе недели имаше или и понатаму има и во Градско, додека во Скопскиот регион во изминатиов период од периодичен недостиг од вода за пиење се жалеа граѓани од Љубанци и Сопиште.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје пак постојано апелира до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење, поради зголемената потрошувачка на вода за пиење во земјава. Воедно, од скопското јавно претпријатие денеска известија дека реализирале акција за откривање на диви приклучоци на водоводната мрежа, при што биле отстранети диви приклучоци во Долна Матка, Крушопек и Сарај и се покренати прекршочни постапки за сторено кривично дело.