Image by Holger Schué from Pixabay

Процентот на неприходувана вода во водоводните системи низ земјава лани бил намален за 2,7 отсто. Расте свесноста на јавните комунални претпријатија низ земјава за важноста да се намалат загубите на вода за пиење, кои во 2018 година изнесуваа 67,55 отсто, додека во 2020 година се намалени на 61,94 отсто, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.


И покрај позитивниот тренд за намалување на нефактурираната вода, сепак и ланските бројки се далеку од зададените насоки на Меѓународната асоцијација на води, за која прифатливиот процент на загуби на вода за пиење во водоводните системи треба да е под 30 проценти.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за „Мета.мк“ велат дека постојат големи разлики помеѓу општините во однос на продуцираните загуби на вода за пиење минатата година. Па така, минимумот на неприходувана вода лани изнесувал 7 отсто, додека кај некои општински водоводни системи процентот на загуби на водата за пиење се искачил до загрижувачки 89 отсто од вкупно произведената вода за пиење.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги останува на ставот дека само со инвестиции во соодветните системи може да се намали процентот на загуба на неприходуваната вода. Нивото на реализација на инвестициите во водоводните системи е во корелација со цената на вода што ја плаќаат крајните корисници“, додаваат тие.

Удел во високиот процент на неприходувана вода во водоводните системи имаат дотраените цевки и инфраструктура низ кои се губи водата, недоволната контрола на дивите приклучоци, непоставените мерачи за потрошена вода кај дел од корисниците или неточните мерења, како и нефактурираната легална потрошувачка на вода, односно водата што се користи за полевање на јавните површини и за работењето на фонтаните.

Од РКЕ велат дека во согласност со нивните законски надлежности утврдуваат клучни индикатори за успешност, односно цели што треба да ги исполни давателот на водна услуга во врска со обезбедувањето на водната услуга. Еден од главните индикатори што РКЕ го следи и анализира е нивото на неприходуваната вода во системот. Сепак, се чини дека дел од општините во земјава и тамошните јавни комунални претпријатија, каде е најлоша состојбата, не се премногу загрижени за продуцираните загуби на вода за пиење.

Државниот завод за ревизија кон крајот на јануари годинава го објави Конечниот извештај за извршена ревизија на следење на препораките во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор на тема „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на водното право“, во кој се наведени општините Дебар, Долнени, Гостивар, Кичево, Охрид, Крушево и Кочани како локални самоуправи во кои во 2019 година загубите на вода за пиење надминувале 70 отсто од количеството на произведена вода.

„Мета.мк“ контактираше четири од општините во кои постои најголем процент на неприходувана вода, при што единствено Гостивар и Крушево се одлучија да одговорат на прашањата, посочувајќи дека работат на анализирање на загубите на вода за пиење, како и на реализација на мерки за нивно надминување. Дебар и Охрид како локални самоуправи не одговорија на нашите прашања во врска со оваа тема.