„Освен што ќе се подобри квалитетно патното поврзување меѓу овие два града, ќе добиеме современа патна инфраструктура која ги поврзува двата најзначајни туристички центри во земјата – Охридскиот и Преспанскиот. Со тоа на туристите ќе им се овозможат соодветни современи услови за патување и за посета на туристичките капацитети на двете страни од националниот парк „Галичица“, потенцираше премиерот Зоран Заев на почетокот на работите на реконструкцијата на регионалниот пат Ресен-Охрид преку Галичиџа, на делницата од Отешево до приклучувањето на патот Охрид – Свети Наум.
Првата фаза е делницата на патниот правец од Царина Отешево до превојот на Галичица во должина од 14,9 километри. Вредноста на инвестицијата на оваа делница изнесува 60 милион денари, по што ќе продолжи и реализацијата на втората фаза од превојот на Галичица до приклучувањето на патниот правец Охрид – Свети Наум во должина од 15 километри за што се предвидени уште 60 милиони денари.
„Веруваме дека со оваа инвестиција ќе привлечеме нови странски и домашни туристи кои ќе ги посетат овие прекрасни пејсажи и туристички понуди што ги нуди нашата земја и овој регион“, истакна Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски потсети дека овој патен правец се обновува по повеќе од 50 години и дека неговата ревитализацијата е од огромно значење за Преспанскиот Регион и е причина плус, туристите да ја посетат Преспа и националниот парк „Галичица“.