fbpx

Во Прилеп двојно е зголемен бројот на ковид заразени за само 10 дена

-

За десет дена, двојно е зголемен бројот на заболени од ковид-19 во Прилеп. Според податоците од Центарот за јавно здравје – Прилеп, во последните 24 часа евидентирани се нови 8 лица со коронавирус, а оздравеле само двајца, така што вкупниот број на заболени изнесува 62, во споредба со состојбата на 14 август, кога активни биле 32 случаи.

„Во моментов 62 граѓани се инфицирани со корона вирус, од нив 50 се на домашно лекување, а 12 се хоспитализирани. Во домашна изолација и самоизолација се 139 лица. И натаму апелираме да се почитуваат заштитните мерки со носење заштитни маски, држење дистанца од 2 метра, избегнување на собири“, потенцираат од Центарот за јавно здравје.

Од друга страна, кај повозрасните граѓани има навика да носат редовно заштитни маски, но и натаму сериозен проблем се редиците пред банките.

„Мора да подигнеме пари, обврзани сме да доаѓаме на шалтерите и да чекаме редици. За да се олесни оваа ситуација, банките треба да отворат повеќе шалтери за комуникација со коминтентите, а пензиите одамна требаше да се испраќаат на домашна адреса, за сите пензионери кои што не можат да ракуваат со дебитни картички“, коментираат повозрасни граѓани, кои, како што велат, често се принудени да чекаат во блиските паркови, додека помлади членови на семејствата, им го чуваат местото во редот.

А, во аптеките состојбата е многу подобра.

„Требаше да се појави пандемија за да ни ги скратат маките, да не одиме секој месец до матичните лекари за да чекаме со часови да ни препишат рецепт. Сега е лесно, само со лична карта и матичен број во сите аптеки можеме да дојдеме до бараниот лек. Треба и натаму многу услуги во здравството и животот воопшто да се олеснуваат, во време на дигитализација во сите сфери. Така ќе штедиме време, хартија, енергија, здравје“, изјави една 50-годишна жена чекајќи ред пред една од аптеките во центарот на Прилеп.

И покрај позитивните примери во секојдневното живеење, со почитување на заштитните мерки, сепак има многу граѓани кои не носат заштитни маски. Опасност се и натаму семејните прослави, на кои граѓаните многу порелаксирано се дружат и собираат.

Инаку, досега вкупно 399 граѓани на општина Прилеп биле регистрирани како позитивни на корона вирусот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕИБ: Нема доволно податоци од регионалните претпријатија за да се процени нивниот импакт на околината

Според ново истражување на Европската инвестициска банка (ЕИБ), малите и средните претпријатија во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) не објавуваат доволно информации во однос на ЕСГ, мерка со...