fbpx

Вирална Фејсбук објава ги наведува родителите да не ги вакцинираат децата

Ваквите објави, кои ги тераат родителите да не ги вакцинираат децата и кои ги фалат родителите кои не ја прават задолжителната имунизација се многу опасни, како по индивидуалното здравје на невакцинираните деца така и по колективното здравје

-

Во оваа објава вакцините се претставуваат како штетни за децата што е неточно и многу опасно. Вакцините обично се даваат во детството заради заштита од сериозни, често смртоносни болести. Тие му помагаат на имунолошкиот систем поефикасно да се бори против инфекциите, со тоа што ќе го поттикнат имунолошки одговор на одредени болести. Ваквите објави, кои ги тераат родителите да не ги вакцинираат децата и кои ги фалат родителите кои не ја прават задолжителната имунизација се многу опасни, како по индивидуалното здравје на невакцинираните деца така и по колективното здравје. Бидејќи големата кашлица која зема замав сега кај нас е резултат на недоволната вакцинална покриеност, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

 

Многу вирална антиваксерска објава на социјалните мрежи тврди:

Родител кој знае ЗОШТО не вакцинира никогаш нема да го стори тоа.

Ќе попушти оној кој не знае ЗОШТО го прави тоа.

Информирајте се.

Четири нови случаи на голема кашлица се евидентирани во земјава, потврди (09.02.2024) портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ. Со тоа бројот на заразени од оваа болест се зголеми на 22 од почетокот на годината, а од Комисијата предложија прогласување на епидемија на ниво на Град Скопје.

Претседателот на Комисијата, др Александар Петличковски соопшти дека до министерот за здравство ќе се препорача во градинките да се забрани прием и упис на деца кои не се вакцинирани или се делумно вакцинирани.

Петличковски апелираше до граѓаните да ги вакцинираат своите деца за да се спречи ширење на болеста.

Тука треба да се фокусираме, да поправиме она што е промашено во изминатиот период. Затоа ќе ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација, рече тој.

Откако Комисијата го предложи ова, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења. Една од тие објави е и објавата што ја рецензираме и која алудира дека родителите не треба да ги вакцинираат своите деца. Во објавата се вели дека родителите коишто не ги вакцинираат своите деца знаат зошто и притоа зборот зошто е напишан со големи букви со цел да се потенцира. Дека станува збор за објава којашто сака да ги одврати родителите од вакцинација потврдуваат и коментарите под објавата. Дел од нив гласат:

Јас само знам дека две дечиња добија аутизам после вакцинација

Никакво вакцинирање на децата,да не се попушти под ниедна уцена

Но, ова не е вистина, туку е дел од антиваксерската агенда. Дека вакцините спасуваат животи потврди и доскорешниот министер за здравство Фатмир Меџити кој истакна дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот, подвлече Меџити.

Големата кашлица или пертусис е акутна заразна болест предизвикана од бактеријата „Бордетела пертусис“. Таа може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи, но најопасна е за новороденчињата и бебињата во првите два месеци после раѓањето до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.

Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година. 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци. Најчесто се јавува кај бебиња и мали деца кои не се вакцинирани воопшто или имаат некомплетна вакцинација со една или две дози на вакцина од потребните три дози кои се примаат во првата година од животот. Кај доенчињата мозочните компликации може да предизвикаат трајни физички и психички пореметувања во развојот на децата.

Во популации со висок процент на вакцинација, заболувањето и смртноста од болеста се многу ниски, бидејќи со редовна вакцинација во популацијата се заштитени најранливите категории, како што се доенчињата и постарите изнемоштени лица кај кои пертусисот има најтежок тек на болест и предизвикува најтешки компликации.

Вакцините во антиваксерските објави, вклучително и оваа што ја рецензираме, се претставуваат како штетни за децата што е неточно и многу опасно. Вакцините обично се даваат во детството заради заштита од сериозни, често смртоносни болести. Тие му помагаат на вашиот имунолошки систем поефикасно да се бори против инфекциите, со тоа што ќе го поттикнат вашиот имунолошки одговор на одредени болести. Потоа, ако вирусот или бактеријата некогаш го нападне вашето тело во иднина, вашиот имунолошки систем веќе ќе знае како да се бори против него.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Вакцините го намалуваат ризикот од заболување работејќи со природната одбрана на вашето тело за да се изгради заштита.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

И покрај тоа што во објавата се алудира дека вакцините не се безбедни за децата, тие се многу безбедни. Сите вакцини минуваат низ ригорозни безбедносни тестови, вклучително и клинички испитувања, пред да бидат одобрени за јавноста. Земјите регистрираат и дистрибуираат само вакцини кои ги исполнуваат ригорозните стандарди за квалитет и безбедност. Опсежните студии и истражувања покажуваат дека нема докази за поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот.

Ваквите објави, кои ги тераат родителите да не ги вакцинираат децата и кои ги фалат родителите кои не ја прават задолжителната имунизација се многу опасни, како по индивидуалното здравје на невакцинираните деца така и по колективното здравје. Бидејќи големата кашлица која зема замав сега кај нас е резултат на недоволната вакцинална покриеност. Ваквите објави се штетни и придонесуваат заразата да се шири од оваа болест која долго време беше неактивна.

Поради сите набројани факти заклучуваме дека оваа објава е невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...