fbpx

Вистиномер реагира на најновата дезинформациска кампања против порталот и редакцијата

Она што не може да се забележи во оваа дезинформациска кампања, како и во претходните, впрочем, е било каква аргументација од страна на напаѓачите, за евентуална грешка, превид или невистина искажана од редакцијата на Вистиномер, која би ги оправдала нападите и заканите против нас. Такво нешто меѓу бројните манипулации и невистини на напаѓачите едноставно нема, пишува „Вистиномер“

-

Она што не може да се забележи во оваа дезинформациска кампања, како и во претходните, впрочем, е било каква аргументација од страна на напаѓачите, за евентуална грешка, превид или невистина искажана од редакцијата на Вистиномер, која би ги оправдала нападите и заканите против нас. Такво нешто меѓу бројните манипулации и невистини на напаѓачите едноставно нема, пишува „Вистиномер“.

Реакцијата подолу ја пренесуваме во целост:

 

Почитувани читатели,

Редакцијата на Вистиномер, како и неговиот издавач, Фондацијата Метаморфозис од Скопје, повторно се цел на дезинформациска кампања на социјалните мрежи, која, како и претходно, содржи невистини, навреди, клевети, но и говор на омраза и, уште пострашно, лошо маскирани повици за насилство врз новинарите од редакцијата на Вистиномер и вработените во Фoндацијата, споделени во коментарите под објавите на сопствениците на профилите. За споделувањето на ваквите содржини и нивното неотстранување одговорни се и нивните автори, но и сопствениците на профилите.

Веќе видени манипулации и дезинформации

И во оваа кампања причина за редиците лаги и напади се нашите проверки на факти врз споделени објави на најшироко користената социјална мрежа во земјата – Фејсбук, во сопственост на американскиот гигант за социјални мрежи – Мета. Повторно се соочуваме со невистинити тврдења за наводна цензура, па дури и нарушување на уставно загарантираната слобода на мислење и изразување, како и лаги за наводно бришење содржини извршено од страна на Вистиномер. Ништо од ова, се разбира, не е вистина.

Редакцијата на Вистиномер и да сака, не може, нема технички можности да брише било што ни од Фејсбук, ниту, пак, од било која друга социјална мрежа на Мета. Уште повеќе, Вистиномер и Фондацијата Метаморфозис имаат и судска пресуда на оваа тема, во своја корист, која јасно и недвосмислено вели дека во работата на редакцијата нема ништо што би можело да се поистовети со цензура или било какво нарушување на слободата на изразување и мислење на корисниците на социјалните мрежи.

Истото она што Вистиномер го работи во С. Македонија во партнерство со компанијата Мета, во своите земји и на своите јазици го работат уште над 100 други редакции за проверка на факти ширум светот. И ниедна од нив не била осудена за било каков облик на цензура или нарушување на правото на слобода на мислење и изразување.

Понатаму, Вистиномер, како и другите организации за проверка на факти ширум светот, кои соработуваат со Мета, се сертифицирани на глобално ниво преку меѓународна мрежа за проверка на факти, а европските проверувачи на факти, пак, се сертифицирани и на европско ниво преку европската мрежа, која има уште построги правила и критериуми, со оглед на тоа што мора да задоволи дополнителни критериуми кои произлегуваат од регулативите на Европската Унија. Со други зборови, Мета е условена да ги чува своите социјални платформи од дезинформации, а за таа цел склучува договори со независни и сертифицирани проверувачи на факти, каков што во случајот со нашата држава е Вистиномер.

Ниту збор што сме згрешиле

Она, пак, што не може да се забележи во оваа дезинформациска кампања, како и во претходните, впрочем, е било каква аргументација од страна на напаѓачите, за евентуална грешка, превид или невистина искажана од редакцијата на Вистиномер, која би ги оправдала нападите и заканите против нас. Такво нешто меѓу бројните манипулации и невистини на напаѓачите едноставно нема. Во овој случај станува збор за дезинформации кои содржат слични тврдења со кои се имаме соочено и во минатото на тема епидемии и вакцини и кои ги имаме рецензирано и порано и тоа не само ние од Вистиномер, туку и колегите проверувачи на факти ширум светот. Работите стануваат уште појасни ако се имаат на ум правилата на Мета за вакциналните дезинформации, кои се исклучително строги и во кои Мета бара корисниците на нејзините социјални мрежи да бидат точни и јасни.

Вистиномер е на страната на своите читатели

Но, дури и да се сподели дезинформација, која потоа била рецензирана од редакцијата на Вистиномер, правилата на Мета овозможуваат доделениот рејтинг да се отстрани доколку дезинформациите се уточнат. Вистиномер секогаш им излегува во пресрет на сите оние корисници, кои ги уточнуваат споделените содржини и во таков случај доделениот рејтинг се отстранува.

Манипулации и дезинформации до небо

Редакцијата на Вистиномер, според правилата на Мета, нема обврска да одговара на дописи кои содржат лаги, напади, навреди и недолични обраќања, но и покрај тоа овојпат решивме да реагираме со цел да се справиме со манипулациите изнесени во овие напади.

Таква е, на пример, онаа за наводно професионално и новинарско разоткривање на донаторите и проектите на Вистиномер и Фондацијата Метаморфозис, иако тие се објавени од самата редакција во склад со нашите практики на транспарентност и отчетност (кои, еве, сега се злоупотребуваат).

Потоа, такви се и манипулациите со кои се бара од корисниците на социјалните мрежи да ги документираат нашите проверки на факти, да ги чуваат и да ги испраќаат на една локација за наводно наше разоткривање и тужби (за што?), иако сите тие можат да се најдат на сајтот во секое време и во целост.

Редакцијата, исто како што не брише содржини од Фејсбук, таа не брише ни содржини од својот портал.

Понатаму се говори за наводни казни и забрани кои Вистиномер ги доделува, што, исто така, не е вистина, зашто редакцијата нема ниту техничка, ниту било каква друга можност (ниту, пак, желба) за такво нешто.

А, да не говориме, пак, за неовластеното и недозволено споделување на фотографиите на нашите вработени од порталот на организацијата, при што тоа во конкретниов случај се прави и со историски фотографии на кои има и поранешни колеги (како и во секоја организација), кои одамна веќе не се дел од тимот на Вистиномер или Фондацијата Метаморфозис и кои заради ваквите манипулативни и дезинформациски постапки можат да се соочат со проблеми од најразлична природа. Да не говориме, пак, што се случувало и колеги да бидат препознати од фотографиите во своето место или населба на живеење и заради тоа да бидат предмет на вербални напади или други видови вознемирување.

Продолжуваме понатаму

Редакцијата на Вистиномер ќе продолжи и понатаму да ги извршува договорените обврски со компанијата Мета, зашто сметаме дека станува збор за сериозен начин на справување со дезинформациите.

Треба ли да ја потсетиме јавноста повторно на антиваксерските дезинформации, кои се намножија како печурки после дожд веднаш после препораката на Комисијата за справување со заразни болести да се прогласи епидемија во Скопје.

Kако и досега, така и во иднина ќе работиме и на други проекти за справување со дезинформациите, кои се во склад и со нашата методологија, но и со кодексите на меѓународната и европската мрежа за проверка на факти, која, пак, има недвосмислена поддршка од Европската Унија. Свесни сме дека ваквите дезинформациски кампањи полни со напади, манипулации, закани и говор на омраза ќе продолжат и понатаму, особено сега во предизборниот период. Но, ние сме подготвени да ја браниме и одбраниме нашата работа и во просториите на македонските судови ако бидеме присилени на тоа. Нема да ни биде првпат. Ни последен.

Редакција Вистиномер

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...