„Еве го канцерот на општеството“, „полека полека го комплетираме списокот, стасуваат информации од сите страни и домашните адреси веќе им ги имаме“, „сироти копуци, не знаат дека и тие ќе бидат избришани, и тоа многу брзо“, „да ги стреламе или дома да им носиме посмртни венци?“, „Македонци, јавно исплукајте ги..“, „Запознајте ги своите и душманите на Македонија. И кога ќе ги видите на улица или во кафич покорно да ги поздравите што ве бришат Вас и вашите деца и унуци. На бандера бесење!“, „гнаси, пушка бедранка за нив“.

Ова се само дел од коментарите со заканувачка содржина полна со говор на омраза, повици за јавен линч, па дури и закани по животот на вработените во Фондацијата Метаморфозис што започна пред скоро еден месец откако порталот lider.com.mk објави дезинформација насловена како „(ФОТО) Ова се луѓето кои бришат содржини од Фејсбук во Македонија!“.

Бидејќи по скоро цел месец, кампањата против вработените во фондацијата сè уште трае, Мета.мк побара информации од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство дали е покрената постапка за санкционирање на ваквиот говор на омраза што е кривично дело според Кривичниот законик на Репбулика Северна Македонија. Од МВР само кратко одговорија дека изготвиле известување до Основното јавно обвинителство.

„Ве известуваме дека на официјалната електронска адреса на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика пристигнати се три пријави од Фондацијата Метаморфозис за говор на омраза кон нивни вработени“, велат од МВР.

Оттаму додаваат: „во врска со пријавите, а согласно нашите законски надлежности, изготвено е Известување до Основно јавно обвинителство Скопје“.

Од Основното јавно обвинителство потврдија дека добиле известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР и дека јавен обвинител издал наредба за обезбедување докази.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје достави две известувања кон крајот на ноември и уште едно известување денеска на 07.12, а кои се однесуваат на комуникација преку социјални мрежи помеѓу определени лица и членови на Фондацијата „Метаморфозис“, велат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека „по проучување на наводите во известувањата, надлежниот јавен обвинител издаде наредба до МВР за да се направат неопходни проверки и да се обезбедат докази. Од обезбедените докази ќе зависи дали во конкретниот случај има елементи на кривично дело кое се гони по службена должност или оштетените ќе треба своите права да ги бараат во друга со закон регулирана постапка“.

За волја на вистината, комуникациајта помеѓу овие лица и вработените во Метаморфозис се одвива исклучиво еднострано. Односно, главно тоа се коментари со говор на омраза, повици на јавен линч и закани за физичко насилство напишани на социјалните мрежи под објавените линкови од написот или фотографијата која прв ја објави lider.com.mk. Во одредени случаи, пораки со слична содржина дел од вработените во Метаморфозис добија и како приватни пораки на социјалните мрежи, но и во живо, пред нивните домови.

Јавната осуда на говорот на омраза останува главното оружје на новинарите во вакви случаи

Досегашното искуство покажува дека Јавното обвинителство многу ретко реагира соодветно по ваквите пријави. Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) посочуваат дека обвинителството „долго време се мачи со постапувањето по овие предмети, како и нивното докажување, па можеби тоа ја смалува иницијативноста и на МВР, но и на граѓаните да поднесуваат пријави кога станува збор за говор на омраза“.

Воедно, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кои редовно ги следат нападите кон новинарите, велат дека исто така се обратиле во МВР, а оттаму добиле идентичен одговор, односно дека пријавата е предадена во ОЈО од каде се очекува да има исход.

Во однос на тоа што можат новинарите и медиумските работници самите да преземат во вакви случаи, од самостојниот новинарски синдикат велат дека тоа е главно „јавна осуда на говорот на омраза, апелирање за санкционирање на говорот на омраза, кревање на свеста за опасностите од говорот на омраза, застапување пред институциите за да се променат работите, односно законската рамка и слично“.

„Со една реченица на новинарите и медиумските организации главното оружје им е јавниот притисок и укажувањето на штетните последици од неказнивоста која постои во општеството кога се работи за говор на омраза“, велат од ССНМ.

ЗНМ, пак, која е најстара новинарска организација во земјата, потенцираат дека нивната основна активност во вакви случаи е регистрирање на сите напади по однапред усогласена методологија која ја користат уште шест други здруженија на новинари на Западен Балкан, како и водење и ажурирање на регистар за секој напад или закана во последните шест години.

„Освен ова, постојано работиме на промовирање на опасноста од неказнивноста на нападите кон новинарите преку кампањи, публикации, обуки со новинари но и адвокати, припадници на МВР, судии и обвинители. Ова е особено важно зошто неказнивноста стимулира нови напади, а тоа придонесува кон самоцензура на новинарите“, велат од ЗНМ.

Оттаму додаваат дека работат и на зголемување на институционалната заштита на новинарите, односно да им се дадат поголеми овластувања на органите на прогонот во случај на напад на новинар како и казните кон напаѓачите да бидат поголеми.

И од новинарскиот синдикат посочуваат дека со години се обидуваат да укажат на проблемите кои настануваат поради неказнивоста на говорот на омраза, а предлозите се главно во насока на подобрување на законската рамка, прецизирање на надлежностите на институциите и брзо реагирање на говорот на омраза.

„Најважно е да прекине, или да се намали неказнивоста кога се работи за говор на омраза, бидејќи само така и ќе се намали оваа појава која е штетна не само за новинарите и медиумските работници, туку за целото општество“, велат од ССНМ.

Политичките партии се главните инспиратори на ваквите кампањи

Што се однесува до односот на политичките партии кон ваквите хајки што се водат против новинари, медиумски организации и кон невладиниот сектор, како и нивниот однос генерално кон дезинформациите, од новинарските здруженија велат дека токму тие, политичките партии се всушност главните инспиратори.

„Неподелено е мислењето дека политичките партии се главните инспиратори за говорот на омраза кој произлегува од нивната борба едни со други за различни политички прашања. Па оттаму, можеби има системска пречка и за побрзо реагирање на институциите, бидејќи тие се раководени пред сè од луѓето во политичките партии кои ја освојуваат власта“, велат од ССНМ.

Од ЗНМ, пак, велат дека за разлика од минатото кога дел од политичките партии јавно повикуваа на медиумски хајки против критичките новинари и медиумски организации моментално состојбата е порелаксирана но, сепак има повремени провокации, пред сè од страна на поедини политичари.

Во дадениот случај на хајката против Фондацијата Метаморфозис, покрај стотиците споделувања на социјалните мрежи кои очигледно се правени на организиран начин, фотографијата на вработените и текстот од порталот Lider.com.mk ја објавија и две политички партии на некои од своите официјални страници. Станува збор за Фејсбук страната на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Македонска каменица, како и Фејсбук страната „Ленка“ на политичката партија „Левица“. Иако постовите беа избришани по неколку дена, факт е дека тие предизвикаа негативни коментари.

Дека дезинфромацијата за Фондацијата Метаморфозис беше споделена и на профилите на две политички партии на социјалните мрежи потврдуваат и од самостојниот новинарски синдикат, потенцирајќи дека „со самото споделување се отвора ново поле за говор на омраза“.

„Политичките партии не треба само декларативно да го осудуваат говорот на омраза и декларативно да бараат институциите да реагираат, туку треба да бидат конструктивен елемент при неговото сузбивање, а преку своите претставници во парламентот треба да работат и на подобрување на законската рамка со што би се овозможиле полесно и поефикасно санкционирање на оние индивидуалци или организации кои користат говор на омраза“, велат од ССНМ.

Новинската агенција „Мета.мк“ испрати прашања до сите поголеми парламентарни политички партии, вклучувајќи ги СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса и Левица, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор од ниту една од нив.

Заедно со ССНМ и ЗНМ, за овој случај реагираа и Македонскиот институт за медиуми, како и Советот за етика во медиумите, кои во заедничко соопштение ги повикаа МВР и ЈО да преземат соодветни мерки. Исто така, реагираа и Хелсиншкиот комитет за човекови права во РСМ и Граѓанскиот центар за слобода Цивил. Јавна поддршка даде и тимот на F2N2, кои се дел од борбата против лажните вести и дезинформациите.

Реакции за поддршка и повик до властите да преземат мерки испратија и евроамбасадорот Дејвид Гир, како и британската амбасадорка, Рејчел Галовеј.

Слична порака на поддршка и повик до властите стигна и од „Глобај Војсес“, меѓународна организација за граѓанско новинарство која објавува на повеќе од 40 јазици и е долгогодишен партнер на Фондацијата Метаморфозис.

Инаку, во јавноста е познато дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со сега пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски, заканите по живот и повиците за јавен линч против новинарите беа редовна пракса. Таков беше случајот со новинарот Борјан Јовановски, кога во април 2015 година, додека неговата сопруга и малолетните деца биле дома, пред вратата им беше оставен погребен венец со напис „последен поздрав“. Во декември 2016 година на социјалните медиуми беше поведена кампања со слики на амбасадорите од земјите на НАТО и ЕУ претставени во форма на некролози, на сличен начин како што беа ширени и фотографии на персоналот на Метаморфозис.