Британската амбасадорка Галовеј ги осуди говорот на омраза и лажните обвинувања кон новинарите на „Мета“

Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, попладнево од нејзиниот Твитер профил ги осуди говорот на омраза и лажните обвинувања на социјалните мрежи и во некои портали против новинарите на „Мета“, кои заедно со нивните колеги од Метаморфозис се најдоа на удар на злонамерниците откако порталот „Лидер“ објави потпалувачки текст. Галовеј побара надлежните институции да преземат мерки и да го истражат случајот.

„Го осудувам говорот на омраза и ширењето на лажните обвинувања кон новинарите на „Мета“. Медиумската слобода е темелен столб на демократијата и слободните општества. Барам од надлежните институции да преземат мерки и да го истражат овој случај“, напиша Галовеј.

Инаку, на 12 ноември, ноќта кога голем дел од граѓаните во земјата ја прославуваа победата на македонската фудбалска репрезентација и пласманот на европското првенство во фудбал, околу полноќ на веб-сајтот www.lider.com.mk беше објавен текст со наслов „(ФОТО) Ова се луѓето кои бришат содржини од Facebook во Македонија!“ во кој се наведени повеќе невистинити и клеветнички тврдења.

Меѓу другото во спорниот текст е објавен колаж од фотографии од дел од вработените во Фондацијата „Метаморфозис“, а во насловот пишува дека тоа се луѓето што бришеле содржини од социјалната мрежа „Фејсбук“. Подолу во текстот се наведени имињата и презимињата на скоро сите вработени, вклучуваќји ги и имињата и презимињата на новинарите од Новинската агенција Мета.

Иако Метаморфозис објави демант на злонамерните и клеветнички инсинуации кои претставуваат и притисок врз слободата на говор, тој не беше објавен од страна на медиумот кој ја покрена хајката. Демантот до сега го објавија единствено порталот bregalnicki.mk и порталот netpress.com.mk.

Новинарските здруженија, СЕММ, ЗНМ, ССНМ и МИМ уште минатата недела го осудија говорот на омраза против тимот на невладината организација „Метаморфозис“ и го повикаа Министерството за внатрешни работи (МВР) да спроведе итна истрага преку која ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваа говорот на омраза преку коментари на социјалните мрежи, а потоа Основното јавно обвинителство (ОЈО) да покрене и случај преку кој тие ќе бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон.

Во текот на викендот, ЗНМ, СЕММ и ССНМ уште еднаш го повторија повикот до МВР и ОЈО да реагираат против говорот на омраза, што во последниот период е во подем, не само против Фондацијата Метаморфозис, туку и против други угледни новинари од земјата.

Осуда вчера искажа и ЕУ амбасадорот Дејвид Гир. Тој, исто така, побара навремено да се истражи говорот на омраза и хајката која деновиве се води онлајн против вработените во Фондацијата „Метаморфозис“.