fbpx

Здравствените експерти не хистеризираат за големата кашлица во Скопје, туку состојбата е алармантна

Не е точно дека надлежните лажат за случаите на голема кашлица во Скопје, ниту пак, лажеле за случаите во кои причинител на ковид-19 беше коронавирусот кој се детектира со ПЦР тест

-

Антивакцинална објава обвинува за хистерија околу состојбата со голема кашлица, заразно заболување кое може да биде фатално за невакцинираните доенчиња. Во земјава опфатот со вакцини кои штитат против оваа болест е незадоволителен, а Комисијата за заразни болести препорачува прогласување епидемија во Скопје и да не се примаат невакцинирани деца во градинките со надеж дека така нема да се прошири болеста и дека ќе се зголеми вакциналниот опфат. Ниту сега, ниту за време на ковид пандемијата надлежните не лажеа за случаите, бидејќи тие се детектираат со посебни тестови и со медицина базирана на докази, а не паушално, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од изјава што по повод епидемијата на голема кашлица, ја даде професор доктор Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заштита на населението од заразни болести.

Почеток на иста хистерија како за ковид ПЛАНдемијата. Се покажа дека за ковидот МОНСТРУМИТЕ ЛАЖЕА. ЛАЖАТ И СЕГА, пишува во објавата.

Доктор Петличковски во изјавата прикажана во написотсподелен во објавата, вели дека најголем дел од досега заболените лица со голема кашлица (пертусис) се невакцинирани деца (80 проценти), а дека меѓу потврдените има и вакцинирани. Тој уште додава дека потврдени случаи има и кај лица родени 1973 или 1979 година.

Но, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, изјавата на претседателот на Комисијата за заразни болести доктор, Петличковски, се темели на информации кои се добиени од единствената релевантна институција во земјава задолжена да собира и анализира информации и да прави статистики за заразни заболувања, Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје. Таму се пријавуваат сите случаи на голема кашлица (пертусис) на државно ниво, па аналитиката на Центарот за јавно здравје Скопје покажа дека најголемиот дел од случаите се во главниот град поради што Комисијата за заразни болести препорача прогласување на епидемија во главниот град, со предлог мерка невакцинираните деца да не може да посетуваат градинка.

Вакциналниот опфат, како што соопшти Комисијата за заразни болести, со ДиТеПер вакцина која заштитува од голема кашлица не е на задоволително ниво и затоа е потребно да се зголеми. Од Комисијата сметаат дека ќе се постигне поголема заинтересираност за процесот на вакцинација, ако се прогласи епидемија.

Вакциналниот опфат за ДиТеПер вакцината е под оној потребен за да се постигне колективен имунитет. Кога ќе се прогласи епидемија, институциите на системот добиваат поголеми ингеренции да даваат препораки (во конкретниот случај за во градинките) и на таков начин, повикувајќи се на Законот за заштита на населението од заразни болести, да имаат и поголема контрола врз вакциналниот процес.

Не е вистина дека надлежните лажат за епидемијата на голема кашлица. Станува збор за опасно заболување од коешто веќе се регистрирани 26 случаи, но бројот е поголем поради тоа што има заболени кои не се детектирани. За да се каже дека има случаи на голема кашлица, потребно е да се добие позитивен резултат од тест кој покажува инфекција со бактеријата Вordetella pertussis. Значи, дијагностиката е со специфичен тест кој дава конкретни и точни резултати, а не е базиран на некаков ,,план да се креира епидемија”.

Медицината е наука базирана на докази. Исто како што ковид-19 болест предизвикана од коронавирусот беше дијагностицирана со специфичен ПЦР тест кој конкретно ја дијагностицираше таа дијагноза, така и пертусис или голема кашлица се дијагностицира специфично, точно и конкретно. Затоа не е вистина дека има некаков план за креирање епидемија.

Регионот се соочува со огромни бројки на заразени со голема кашлица. Во Белград има 4 починати бебиња од оваа опасна болест, на која најмногу подложни на компликации се токму бебињата кои уште не се на возраст да бидат вакцинирани со оглед на тоа што вакцините се примаат на 2,4,6, 18 месеци и на 7 години. На Клиниката за детски болести има хоспитализирано бебе од само 6 недели кое не е на возраст на којашто може да се вакцинира, бидејќи првата вакцина се прима на  2 месеца.

Затоа надлежните апелираат да се зголеми вакциналниот опфат, за да бидат заштитени најранливите, како новороденчињата кои поради малата возраст не можат да се вакцинираат, а за кои големата кашлица е најопасна.

Комисијата за заразни болести не прави никаква хистерија со тоа што препорачува во Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица, туку го заштитува населението и јавното здравје со соодветни мерки кои се временски темпирани за да нема случаи како во регионот, каде од оваа болест одзеде неколку живото. За време на ковид пандемијата, исто така, Комисијата за заразни болести даваше мерки и препораки зависно од фазите во кои се наоѓаше болеста, различните мутации и нивниот интензитет, како и согласно бројот на заразени и починати. Вакцините против ковид-19 помогнаа да се зголеми колективниот имунитет и спасија илјадници животи.

Во врска со изјавата што ја дава Петличковски дека 80 проценти од заразените со голема кашлица се невакцинирани, тој на прес-конференција јавно кажа дека ефикасноста на вакцината ДиТеПер е 80 до 90 проценти, но дека ако вакцинирано лице заболи тогаш поверојатно е дека нема да помине со толку тешка клиничка слика, како онаа на невакцинирано. Дополнително, едно од децата коешто е хоспитализирано на Детската клиника е на возраст од 4 години, има примено вакцина ДиТеПер, а сепак има голема кашлица, има и коморбидитети и било на имуносупресивна терапија, која го намалува имунитетот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека надлежните лажат за случаите на голема кашлица во Скопје, ниту пак, лажеле за случаите во кои причинител на ковид-19 беше коронавирусот кој се детектира со ПЦР тест.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...