Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија до надлежното обвинителство поднела кривична пријава против тројца гевгеличани, осомничени дека изработувале и им продавале на мигрантите лажни возни билети од „Македонски железници“, соопшти полицијата.
Како што информираат оттаму, пријава е поднесена против Ќ.С. (44), С.В. (19) и В.М. (22), кои се товарат за фалсификување исправа.
„Во периодот од 13 до 21 август 2015 година, тројцата пријавени успеале да направат лажни јавни исправи – возни билети на Јавното претпријатие „Македонски железници – Транспорт“ АД и да ги продадат на лица-мигранти“, стои во информацијата на МВР за случајот.
Оттаму информираат дека Ќ.С. бил иницијатор на групата, додека С.В. и В.М. по негови насоки ја набавувале хартијата и ги правеле лажните билети.
„Во наведениот период второпријавениот и третопријавениот, откако изработиле одреден број лажни билети, секојдневно му ги давале на првопријавениот да ги продава. На 21 август, тие ги уништиле трагите и предметите со кои е извршено кривичното дело“, велат од полицијата.