Во Србија секојдневно се сервираат манипулации и дезинформации од страна на прорежимските телевизии. Голем проблем е и отсуството на информирање и намерата на власта преку своите телевизии да манипулира со јавното мнение и да ги дискредитира политичките противници.

Вук Велебит е автор и истражувач што се занимава со руската пропаганда во дневниот печат во Србија. Истражувал на кој начин се создава прорускиот наратив, односно дали тој наратив се создава во Русија или пак е продукт на новинарите и уредниците од Србија.

Велебит ги завршил студиите по меѓународни односи на Факултетот за политички науки во Белград и потоа запишал магистерски студии по меѓународна безбедност на истиот факултет, а бил и гостин на германскиот универзитет „Констанц“. Наскоро ќе брани магистерска теза на тема руската пропаганда во дневниот печат во Србија.

Моментно работи како автор на порталот „Talas.rs“, повремено пишува колумни за неделникот „НИН“ и дневниот весник „Данас“. Бил и студентски активист, активно учествувал на протестите во 2017 година, а денес зборува на актуелните протести во градовите низ Србија.

Велебит смета дека единствено со аргументирани и критички текстови медиумите може да добијат кредибилитет кај читателите. „Проблемот на медиумите во Србија не е само тоа што постојат таблоиди, туку тоа што тие станаа главни извори за информирање на голем дел граѓани на Србија, а чии вести се честопати непроверени и невистините“, вели тој.

Кога може да го очекуваме објавувањето на резултатите на твоето истражување и која е главната порака во него?

– Конечните резултати ќе ѝ бидат презентирани на јавноста наскоро, но она што можам да ви го кажам е дека печатот во Србија известува посензационално и попристрасно за Русија и српско-руските односи отколку што тоа го прави рускиот „Спутњик“ во Србија.

Кои се најчестите медиумски манипулации и дезинформации во Србија?

– Ако зборуваме конкретно за Русија, постои одреден број вести во коишто се наоѓаат непотполни и неточни информации. Тоа најчесто се случува кога се зборува за набавка на вооружување од Русија, при што главно кружат вести дека Русија ќе ни подари некакво вооружување, а потоа во друга вест на истата тема пишува дека ќе го платиме по специјална цена, а јавноста никогаш не е запозната со која намера и по која цена се набавува тоа вооружување.

Од друга страна, во Србија секојдневно се сервираат манипулации и дезинформации од страна на прорежимските телевизии. Тоа посебно се случува во текот на времетраењето на протестите, кога на телевизиите од националните фрекфенции се изнесуваат лажни податоци за бројот на собраните граѓани. Меѓутоа, многу поголем проблем е отсуството на информирање и намерата на власта преку своите телевизии да манипулира со јавното мнение и да ги дискредитира политичките противници.

Дали вашата влада има план за борба против дезинформации и колку тој е активен?

Имаше најави од претставници на властите дека државата ќе води борба против лажните вести, но тоа е еден парадокс, бидејќи нашата влада е еден од главните извори на дезинформирање и манипулации со информациите.

Дали знаете за осудителни пресуди за предизвикување општа опасност преку ширење на лажни вести или говор на омраза?

– Има пресуди на надлежните институции за говор на омраза и изнесување невистини за некои политичари и новинари, но тие доаѓаат ретко и правдата е тешко достапна. Дури и ако се случи пресуда во полза на жртвата, нејзе веќе ѝ е нанесена огромна штета на угледот и интегритетот поради лажните информации што се објавени за неа, така што ефектите на таквите пресуди се занемарливи.

Дали медиумските здруженија се активни во борбата против дезинформациите?

– Има неколку медиумски организации што се занимаваат со откривање на лажните вести, но се поставува прашањето какви се дометите на нивното разоткривање, бидејќи еднаш изречената и пласирана лага, за жал денес има поголема тежина од понатамошната вистина што ќе ја дознаеме.

Како е застапена Македонија во медиумите во Србија?

– За случувањата во Македонија или се молчи или таа се споменува во негативен контекст, и тоа од доаѓањето на Зоран Заев на власт. Освен украинското сценарио што се споменува кога таблоидите сакаат да ја обвинат опозицијата за планови за предизвикување некакви си големи нереди, често се споменува и македонско сценарио. Кога беше потпишана спогодбата помеѓу Грција и Македонија, во медиумите во Србија речиси и да беше невозможно да се прочита каква било опширна вести, со исклучок на телевизијата Н1 и евентуално два дневни весника.

Дали често се објавуваат дезинформации за Македонија и кои се најчестите?

– Попрво би рекол дека тука станува збор за премолчување на информации во врска со Македонија отколку за дезинформации. Дезинформации се пласираа во текот на протестите во Скопје пред доаѓањето на власт на Зоран Заев, бидејќи тогашната власт беше блиска со Никола Груевски.