Министрите на вчерашната владина седница ја прифатиле информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за заедничка реализација на проектот за чистење на дворните површини на ОХИС, во Скопје.

„Проектот има за цел создавањето на Фонд, како систематски механизам за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС во согласност со Европските стандарди, хармонизација во полето на заштита на животната средина и промоцијата на Град Скопје како безбеден, отпорен и одржлив град“, се вели во соопштението од Владата.

Министрите ја усвоиле и информацијата за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование.

На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, на седницата била прифатена информацијата за единствен веб портал за отворени податоци. На него ќе бидат објавувани каталози на отворени податоци на сите министерства.

Владата ги усвои предлог – законите за изменување на законите за банки и за Управата за јавни приходи со кои се овозможува пристап на УЈП до приливите на граѓаните од страна на банките.

„Тоа на Управата ќе и овозможи да ги добива потребните податоци за изработка на претпополнетите пријави за данок на личен доход. Со предлог – законите за изменување на законите за банки и за УЈП, исто така, се гарантира и повисока безбедност на податоците со користење на најнова технологија, односно енкрипција на податоците“, велат од Владата.