!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кина има право на поморски вежби во меѓународни води, смета Вашингтон


Вашингтон, 28 декември, 2016 - 10:45 (META) 

САД соопштија дека Кина има право да ги користи меѓународните води, откако кинески носач на авиони помина покрај границата на Тајван и влезе во Јужното Кинеско Море.

Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјави дека САД ја сметаат за законска употребата на морето и оти истите права на тоа ги имаат САД, Кина и други земји.

– Тоа е слободна пловидба – рече Тонер.

Тајванското министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека кинески носач на авиони со пет воени бродови плови 90 наутички милји јужно од Тајван, додека претставник на Пекинг рече дека станува збор за рутинска вежба.

Кина претходно ги обвини САД дека провоцираат со тоа што со своите воени бродови пловат по Јужното Кинеско Море.


Кина сака соработка со Трамп


Пекинг, 22 декември, 2016 - 13:38 (META) 

Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, изјави дека единствен начин на одржување стабилни односи меѓу Кина и САД е меѓусебно почитување врз основа на заедничките интереси. Спротивното, како што наведува, може да доведе до „нови компликации“ во тие односи.

Кинеските власти неколкупати изразија сериозна загриженост по изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој се закани дека САД ќе имаат односи со Тајван без разлика на досегашната американска практика на почитување на политиката на „единствена Кина“.

Ванг рече дека Кина ќе вложи напори за соработка со САД и дека не сака „нови компликации и нејаснотии“ кои би можеле да ги поткопаат билатералните односи.

Новоизбраниот американски претседател дополнително беше мета на критики на Пекинг по неодамнешниот телефонски разговор со претседателот на Тајван, Чај Инг-вен.

Тајван се одвои од Кина по завршувањето на граѓанската војна во 1949 година и по поразот на националистичката партија Коумингтанг, но Пекинг и понатаму го смета за дел од кинеската територија.


Трамп телефонски разговарал со претседателката на Тајван, остри реакции од Кина


Вашингтон, 3 декември, 2016 - 12:20 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја прекина децениската традиција така што директно телефонски разговарал со претседателката на Тајван, Цај Инг-вен, што предизвика остри реакции од Кина, пренесуваат светските агенции.

Од Вашингтон соопштија дека Трамп и Цај Инг-вен во текот на разговорот ги истакнале „посебните врски меѓу Вашингтон и Тајпеј во областа на економијата, политиката и на безбедноста“ и си размениле честитки за изборните победи (Цај Инг-вен беше избрана во мај, а Трамп во ноември, годинава н.з.)

Кабинетот на претседателката на Тајван, пак, соопштил дека двајцата разговарале за прашања клучни за Азија и за идните односи меѓу двете земји, како и дека Цај Инг-вен побарала од Трамп да ја зајакне соработката меѓу Тајван и САД и да се заложи за поголемо учество на Тајпеј во меѓународните односи, наспроти обидите на Кина за изолација на земјата од меѓународните институции како што се Обединетите нации.

Веста за телефонскиот разговор меѓу Трамп и претседателката на Тајван, не била пренесена од кинеските медиуми. Сепак, на неа реагирал министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји, кој навел дека станува збор за „низок маневар на Тајван“.

Тој за хонгконшката телевизија „Феникс“ изјавил дека овој потег „не може толку лесно да ја промени политиката на единствена Кина која ја води меѓународната заедница“ и оценил дека нема да има промени ниту во политиката на Вашингтон во врска со територијалниот интегритет на Кина.

Трамп на критиките од Пекинг одговори преку својот твитер-профил, потенцирајќи дека Цај Инг-вен била таа која го повикала на телефон за да му ја честита изборната победа. Сепак, тој подоцна додал дека е „интересно тоа што Вашингтон му продава на Тајпеј воена опрема вредна неколку милијарди долари, а спорно е само неговото примање на честитката“.

Критиките за телефонскиот разговор меѓу Трамп и претседателката на Тајван, не изостанале ниту во САД. Поранешниот заменик на државниот секретар за Источна Азија и Пацификот во администрацијата на Џорџ Буш, Кристофер Хил (Хил во 1990-тите беше амбасадор на САД во Македонија н.з.) разговорот го оценил како „голема грешка која укажува на тоа дека идната администрација на Трамп ќе биде склона на импровизации во надворешната политика“.

САД уште од 1970-тите години ја поддржуваат „политиката на единствена Кина“, а дипломатските односи со Тајван ги прекинаа во 1979 година.

Тајван по граѓанската војна во 1949 година и поразот на националистичката партија Коуминтанг се одвои од Кина, а Пекинг островот и понатаму го смета за дел од својата територија.


Бомба експлодира во воз во Тајван – 25 повредени


Тајпеј, 8 јули, 2016 - 10:10 (META) 

Дваесет и пет лица се повредени откако бомба експлодирала во воз во Тајван, соопшти полицијата. Бомбата била рачно изработена, а експлозијата не се поврзува со тероризам.

Премиерот Лин Чуан оцени дека експлозијата е „намерен и малициозен“ чин.

Властите трагаат по маж во црна облека, на возраст од околу 40 години, кого очевидците го забележале неколку минути пред експлозијата.

Направата, челична цевка долга 47 сантиметри, наполнета со барут, според претпоставките на полицијата, била донесена во торба, која е пронајдена во тоалет во еден од вагоните.


Шестмина загинати во пожар во дом за стари лица во Тајван


Тајпеј, 6 јули, 2016 - 13:33 (META) 

Шест лица загинаа, а 28 се повредени во пожар што утринава избил во дом за стари лица во тајванскиот град Њу Тајпеј.

Како што јавуваат локалните медиуми, пожарот бргу се проширил низ целиот дом, а евакуацијата се одвивала отежнато бидејќи голем дел од жителите на домот биле неподвижни или во инвалидска количка.

Загинатите биле сместени на последниот, осми кат на зградата.


Тајван: Бројот на загинатите во земјотресот се искачи на 113


Тајнан, 13 февруари, 2016 - 10:38 (META) 

Бројот на загинатите во минатонеделниот земјотрес на југот на Тајван порасна на 113, соопштија денеска локалните власти.

Министерството за внатрешни работи на Тајван издаде соопштение во кое се наведува дека вчера и денеска, спасувачите извлекле поголем број тела од урнатините на станбениот комплекс „Златен змеј“ во Тајнан, најстариот град во Тајван.

Четири лица и понатаму се водат за исчезнати, јавува „Раша тудеј“.

Во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, кој минатата недела го погоди Тајван, се урнаа повеќе од 10 објекти.

Од урнатините на зградите се извлечени 327 лица.


Тајван: Под урнатините има повеќе од 100 лица


Тајнан, 8 февруари, 2016 - 10:12 (META) 

Две лица се извлечени живи од урнатини на зграда која пред два дена се урна при земјотресот во тајванскиот град Тајнан.

Спасувачите најпрво извлекле жена која лежела под телото на својот сопруг, јавува „Би-Би-Си“, додавајќи дека нејзиниот двегодишен син е пронајден мртов покрај неа.

Нешто подоцна, извлечен е и маж, наведуваат локални медиуми.

Најмалку 35 лица загинаа во силниот земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди јужен Тајван.

Се верува дека повеќе од 100 лица сè уште се затрупани под урнатините.

– Има повеќе жртви отколку што се спасени и бројот на настраданите најверојатно ќе премине 100 – рече градоначалникот на Тајнан, Вилијам Лаи.


По земјотресот во Тајван сè уште се трага по преживеани


Тајпеј, 7 февруари, 2016 - 12:03 (META) 

По вчерашниот силен земјотрес на југот од Тајван, спасувачите денеска се обидуваат од урнатините на една 17-катница да ослободат повеќе од сто лица. Во земјотресот загинаа најмалку 19 лица, меѓу кои и едно 10 дена старо девојче и уште две деца.

Спасувачите велат дека 124 лица сè уште се водат како исчезнати, од кои 103 се многу длабоко затрупани во урнатините од зградата, во која имало речиси сто стана.


Најмалку седум загинати во земјотрес во Тајван


Тајпеј, 6 февруари, 2016 - 11:37 (META) 

Во силниот земјотрес што синоќа го погоди јужниот дел на Тајван, загинаа најмалку седум луѓе, меѓу кои две деца.

Земјотресот предизвика уривање на најмалкуи четири згради, од кои една од 17 ката.

Околу 230 луѓе се спасени од урнатините, додека 380 лица се повредени во земјотресот. Сè уште се трага по 26 луѓе.

Силниот земјотрес бил со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил на 25 километри јужно од градот Јуджинг.


САД го поздравија состанокот на лидерите на Кина и на Тајван


Сингапур, 8 ноември, 2015 - 13:01 (META) 

САД го поздравија историскиот состанок на претседателите на Тајван и на Кина, Ма Јинг-џеу и Кси Џинпинг, и ги повикаа двете страни и понатаму да работат на смирување на тензиите и на промовирање стабилност во регионот.

– САД го поздравуваат состанокот на двајцата лидери и подобрувањето на односите помеѓу Кина и Тајван – изјави портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, кој додаде дека е во интерес на сите да има мир и стабилност во регионот и ги повика двете страни на меѓусебно почитување.

Претседателите на Кина и на Тајван се согласија дека нивниот денешен состанок, прв откако Тајван се издвои од Кина во 1949 година, претставува знак на стабилност.

На конференцијата за новинари по состанокот, тајванскиот претседател Ма изјави дека со кинескиот претседател разговарал за желбата на тајванскиот народ за поголемо учество во глобалната заедница, особено во невладините организации.

Поради притисокот од Пекинг, Тајван не може да биде членка на Обединети нации и други меѓународни организации.

Состанокот помеѓу двајцата лидери, сепак, бил повеќе од симболично значење бидејќи не е потпишан ниту еден договор ниту имаше заедничко соопштение.