Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски имаше премиера во Тајван

Извор: Продукција на филмот „Кајмак“

Филмот „Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски ја доживеа и својата премиера во Тајван, каде што се прикажува вон конкуренција на Филмскиот фестивaл „Златен коњ“ (Golden Horse) во Тајпеј.

Вчера и завчера имаше две преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер. Ова следеше по сесиите разговори со публиката, која ја пофали приказната и кажа дека постојано изненадува.

По премиерата завчера, „Кајмак“ или „Дует во страст“ како што е тајванскиот превод на филмот, имаше и втора проекција, и уште еден разговор со публиката, а предвидени се уште две прикажувања. Во моментов, „Кајмак“ е на второ место по популарност кај публиката на фестивалот Златен коњ, информираат од тимот којшто стои зад овој филм.

Во рецензијата за „Кајмак“ која е проследена со интервју со режисерот Манчевски на порталот „A Good Movie to Watch“, се вели дека режијата на Манчевски има „мајсторски фат“ и дека „разноликоста на расположението се протега на изведбата на ансамблот, кој се покажа повеќе од кадарен да ги игра обете страни на истата пара“.

„Филмот има непредвидливo гледиште за кармичка правда и тоа треба да биде уникатно, трагикомично искуство за секој кој ќе има среќа да го гледа“, се вели во рецензијата за филмот „Кајмак“.

На втората проекција дојде и најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого Манчевски се сретна и на светската премиера во Токио минатата недела.

За Манчевски особено драга беше средбата со професор Шанг-Синг Гуо, негов студент од Њујоршкиот универзитет, сега универзитетски професор. Гуо како студент два пати дојде во Македонија, за да присуствува снимањето на спотот„Македонија вечна“ и да учествува во снимањето на филмот „Мајки“.

„Ти благодарам Милчо што го направи ‘Кајмак’, беше огромно задоволство да се гледа на големо платно со многу публика. Каква ноќ!“напиша на социјалните мрежи композиторот Томас Фоген, еден од авторите на музиката за филмот, кој живее во Тајпеј.

Филмскиот фестивал во Тајпеј, кој постои од 1962 година и е еден од најстарите во Азија, е конгломерат во кој се споени престижните награди Златен коњ за најдобар филм од азиски автор, промоцијата на светските филмови и филмската академија.

Досега, во Тајван се прикажани речиси сите филмови на Манчевски, а во 2019 година за првпат беше гостин на овој фестивал, кога беше прикажан филмот Врба“.

По премиерата во Тајван, „Кајмак“ наскоро ќе ја има и македонска премиера, и потоа веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.