Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Национална единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и Одделот за криминалистичка полиција од МВР разбиле криминална група од Тајван што вршела телекомуникациски измами и трудова експлоатација на државјани на Тајван, при што се приведени девет лица-државјани на Тајван, соопшти македонското МВР.

Групата со измама наведувала Тајванци „на работа во странство“, а всушност тие завршувале како робови, со одземени пасоши и приморани да ги исполнуваат наредбите на организаторите на мрежата.

Криминалната група функционирала во повеќе земји. Имено, млади луѓе од Тајван биле регрутирани од страна на т.н. „синдикати“ за да работат во странство. Повеќето од младите не ги знаат сите детали за работата која треба да ја вршат се додека не стигнат до крајната дестинација. По пристигнувањето тие се физички ограничени во куќата, т.н. „кол центар за телефонски измами“ и немаат пристап до нивните пасоши и мобилни телефони. Тие се принудени да работат со часови без да им бидат исплаќани надоместоци или плати. Жртвите биле тепани доколку не ги почитуваат наредбите. Т.н. „синдикати“, користат брз интернет за воспоставување меѓународни разговори. Телефонските оператори од прво ниво се претставуваат лажно дека се службеници во банка или поштенска служба или службеници за осигурување. Следно, операторите од второ ниво лажно се претставуваат како полициски службеници за да приберат целосни лични податоци и бараат доказ за извршена уплата за некаква казна. Конечно, жртвите се префрлани во „трето ниво“, каде операторите им се претставуваат како обвинител или судија и ги убедуваат жртвите дека ќе бидат соочени со тешки обвиненија доколку не соработуваат и доколку не ги префрлат парите на назначените сметки со цел намалување на казната или ослободување од казна.

Македонската полиција по добиена наредба од судија на претходна постапка, на 7 мај извршила претреси на две локации во населба Бардовци. На првата локација затекнати и приведени се шест членови на криминалната група, како и 25 жртви (сите државјани на Тајван), а на втората локација еден член на криминалната група и 10 жртви (сите државјани на Тајван). Дополнително, детектирани се уште две лица од криминалната група, кои биле сместени во хотел во Скопје, како и уште четири лица-жртви, кои биле сместени во друг хотел во Скопје. Вкупно иднетификувани се 39 жртви на трудова експлоатација.