Пратениците во салата ќе поставуваат прашања, на паузата ќе се дружат со министрите


Скопје, 26 април, 2018 - 9:45 (META) 

Во Собранието денеска треба да се одржи седница за пратенички прашања, како што е вообичаено за секој последен четврток во месецот.

Оваа седница, која почнува во 11 часот, би требало да се разликува од сите претходни, оти како што пред една седмица рече Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ,  сите пратеници, па и опозициските, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, а во соработка со Националниот демократски институт, ќе може на паузата да им поставуваат директни прашања „очи в очи“ на премиерот и министрите.


Законот за јазиците денеска повторно пред пратениците


Скопје, 29 јануари, 2018 - 10:58 (META) 

На денешната 32. седница на Собранието на Република Македонија, прва точка на дневен ред е Законот за употреба на јазиците. Тој се враќа пред пратениците откако првпат претседателот на државата Ѓорге Иванов стави вето на неговото донесување и даде низа забелешки. Ова е трето читање на Законот.

Законот е со европско знаменце, како приоритетен, и за неговото изгласување ќе биде потребно само просто мнозинство.

Доколку Собранието овојпат го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе рекордни 32.000 амандмани. Претходно рекордот го држеше ДУИ, со околу 15.500 амандмани поднесени за Законот за бранители во 2012 година.

Дел од македонската академска јавноста изрази несогласување со содржината и одредбите од законот, а граѓански здруженија протестираа во саботата пред Собранието и најавија дека и следните денови ќе го искажуваат незадоволството од овој, како што го нарекуваат, „неуставен закон“.


Во Собрание продолжува расправата за законот за јазиците


Скопје, 14 ноември, 2017 - 9:19 (META) 

Со почеток точно напладне, Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата за предлог-законот за употреба на јазиците. За овој закон се расправаше и вчера, на седмото продолжение на 15-та седница, и тоа беше првото продолжение по паузата во работата на Собранието поради локалните избори.

На вчерашната расправа, пратениците од власта и опозицијата беа со спротивставени ставови, а дискусијата беше со релативно смирен тон.

Според пратениците од СДСМ и коалицијата и ДУИ, со законот со кој се овозможува официјална употреба на албанскиот јазик, станува збор за нормално демократско правило, додека според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, станува збор за неуставно прогласување на двојазичност на нивото на целата земја.

И двете партии подготвуваат амандмани за законот, кој сега е во прво читање.

На дневен ред на Собранието е и законот за употреба на македонскиот јазик, како и законот за ваучери за набавка на информатичка опрема за студенти, но и предлог-закон за укинување на титулата Национален уметник.

На крајот на листата на точките за дневниот ред се и интерпелациите за министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, и интерпелацијата за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.